Избор од Уредникот Охрид ТОП ВЕСТИ

ИВЗ: Нема компромис за џамијата во Охрид, ние ќе градиме

Скопје/Охрид, 26. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Реставрацијата на Али Пашината џамија во Охрид и изградбата на 32-метарското минаре за Исламската верска заедница е завршена работа.

Градежните работи се во тек и нема да престанат, а компромис за стопирање на изградбата нема да дозволат, најавија од ИВЗ иако Обвинителството донесе решение за забрана за изведување градежни работи. Од Исламската верска заедница велат дека секој ден одат на судски рочишта, а тоа го гледаат како претеран притисок.

– Во Охрид моментно постои само Алипашината џамија, но и нејзината реконструкција наидува на несфатливи пречки, велат од ИВЗ за Макфакс.

Од Верската заедница велат дека реагирале до Владата оти чашата се прелеала во моментот кога реставрацијата на Али Пашината џамија и изградбата на минарето биле оспорени од здружението „Совест“.

Поглаварот на Исламската верска заедница пред само четири дена излезе со директни закани до македонската Влада – ако за 10 дена не добиеле писмен одговор за намерите и активностите во врска со Али Пашината џамија во Охрид, во пресрет на претседателската кампања, во 700 џамии во земјата ќе ги информирале муслиманските верници за, условно речено, игнорантскиот однос од државата. Во писмото од ИВЗ обвинуваат за „бавна, селективна и дискриминаторска денационализација на имотот од страна на државата“. ИВЗ смета оти, на овој начин, е тенденциозно отежнато одржувањето на верските објекти за што заедницата добила странски донации. Затоа, велат во писмото, ќе биле принудени и да ги информираат странците.

– Наспроти тоа МПЦ не дека ги има овие проблеми туку напротив е фаворизирана и привилегирана во секој поглед, се вели во писмото.

Со дијалог ќе се бара чаре за минарето на Али Пашината џамија во Охрид

Институциите ќе постапат согласно законите на Република Северна Македонија и преку дијалог со сите засегнати страни, а имајќи ја во предвид сензитивноста на прашањето, ќе се најдат решенија во интерес на граѓаните на Охрид и на државата која останува посветена на заштита и промоција на богатото културно наследство што го поседува градот Охрид.

Ова е ставот на премиерот Зоран Заев за реконструкцијата на Али Пашината џамија, по средбата со в.д градоначалникот на општина Охрид, д-р Константин Георгиевски и в.д директорката на НУ Завод и музеј, Охрид, Елеонора Новаковска со претставници и претседателот на граѓанското здружението „Совест“, Михаил Трендафилов.

– На средбата се разговараше за наследените проблеми за спорната градба без соодветна документација на дел од религиозен објект во центарот на градот и за изнаоѓање на решенија согласно закон, а се разговараше и за аспектите за заштита на културното наследство во градот Охрид кое е од заедничко значење за сите граѓани на Република Северна Македонија, стои во соопштението.

Во меѓувреме, охридската јавност е се` повеќе поделена. Се` посилни се зборовите на омраза на социјалните мрежи и лесно може истите да се прелеат и на улиците. Од Здружението „Совест“ најавија и граѓански мирен протест, доколку итно не прекине изградбата на минарето во овој габарит. (Крај)

извор: Макфакс/ОхридПрес фото: архива