Избор од Уредникот ОБРАЗОВАНИЕ Охрид Супер образование ТОП ВЕСТИ

Ел Нади: Соработката со локалната заедница е на високо ниво

Охрид, 26. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Супер радио и порталите OhridPress и Inpress иницираат акција „ЗАЕДНО до подобри услови за поквалитетно образование на децата“ за учество на локалната заедница во подобрување на условите во кои учат најмладите во Охрид.

Преку сондажа на состојбите и интервјуа со првите луѓе на образовните институции ќе направиме обид, заедно со приватниот сектор да помогнеме да се подобри состојбата во овој исклучително важен дел од секое општество.

Елена Ел Нади, директор на ОУ „Ванчо Николески“ од Охрид, во интервју за Супер радио и OhridPress зборува за предизвиците со кои се соочува и потребите на училиштето за што поквалитетен образовен процес.

Супер радио: ОУ „Ванчо Николески“ Лескоец од 1995 година опстојува самостојно, а сега во негов состав работат и подрачните училишта во село Косел, село Куратица, како и подрачната паралелка во село Ливоишта. Периодот од нешто над една година колку што сте на чело на установата е доволен за да можете да ја сумирате состојбата. Кажете ми во каква финансиска кондиција го наследивте централното и подрачните училишта, дали наидовте на некои проблеми?

Ел Нади: Ако одиме конкретно на условите можам да речам дека се добри за непречено одвивање на наставата, меѓутоа секогаш тежнееме кон подобро и би сакале да оствариме современи и модерни услови за работа во тие училишта. Секогаш можеби не се просторните вредности важни, колку што е важен самиот кадар кој работи во училиштето. Тука слободно би се пофалила дека имам одговорен принципиелен наставен кадар, којшто помага во реализација на програмата, без разлика на тие материјално-технички услови. Секако дека настојуваме да ги подобриме условите, станува збор за стари објекти на кои им е потребно реновирање, како на ентериерот така и на нагледните средства, сите наши активности ги насочуваме кон искористување на сите ресурси за подобрување на условите. Финансиската состојба на училиштето во периодот кога дојдов на позицијата директор беше добра, немаше блокирана сметка, но мора да споменам дека имавме натрупани долгови посебно кон јавните претпријатија. Тука мора да ја пофалам локалната власт, чиј приоритет беше средување и подмирување на долговите и благодарение на тоа уште минатата година голем дел од долговите беа покриени. Тоа продолжува, остануваат само сметки кои тековно ќе ги решаваме со блок дотации.

Супер радио: Рековме освен централното овде во Лескоец, имате и подрачни училишта. Ќе ми кажете колкава е вкупната бројка на ученици, колку полуматуранти ќе излезат од кај вас и ако може паралела меѓу бројката на деца денес и во минатото?

Ел Нади: Вкупниот број на ниво на училиште е 320 ученици, се разбира поголема е бројката во централниот објект. Годинава ќе имаме 35 полуматуранти. Ако се направи паралела, знаете дека на ниво на цела земја владее тој тренд на намалување на бројот на деца и има од година во година за неколку деца се намалува бројката на запишани, но немаме некој драстичен пад. Интересно е што во нашето училиште доаѓаат и ученици од градските училишта, без разлика по кој основ, дали заради казна или други основи, многу добро се адаптираат со другите ученици, постигнуваат добри резултати и остануваат пријатели на училиштето, како децата така и родителите, ова е искуство што е за пофалба.

Супер радио: Мисијата на училиштето е обезбедување квалитетно и современо воспитание и образование на сите ученици. Кон тоа придонесува и подобрување на условите во кои се школуваат децата. Кои зафати се досега преземени за реновирање и оспособување на објектите за нормално одвивање на наставниот процес, дали сте имале некакви донации?

Ел Нади: Оваа година аплициравме во УСАИД проектот во областа на реновирање на училиштата и тој проект е поддржан од општината, се надеваме дека ќе успееме да го добиеме. Насочен е кон реновирање на училишните тоалети, што навистина ни е потребно, сега сме исчекување на одговор. Во однос на други проекти секогаш следиме понуди дали од министерството за образование или приватно колку можеме да продонесеме и во однос на професоналниот развој на наставниот кадар. Организираме обуки и во нашето училиште со помош на службата или пак од некои надворешни предавачи. Би сакала да ги споменам и ЕКО и МИО проектите, дел од редовната настава, што значи дека наставниците во склоп на часовите зависно од предметот интегрираат содржини од екологија и меѓуетничка интеграција. Поважно е што освен теоретските содржини, во нашето училиште традиционално се одржуваат еколошки активности, не само за деновите кога се одбележува некоја акција, туку и воопшто имаме традиција во одржување на такви настани, а освен во училиштето и школскиот двор се реализираат и во населеното место. Еве на 1-ви април имаме активност во соработка со здружението „Брег на младоста“, во кое членуваат наши ученици, ќе се одбележи денот на акцијаштвото. Ќе се реализира проектот „Гумата не гори ја, за украс обои ја“. Во однос на МИО проектите, односно меѓуетничката интеграција, исто така имаме партнер училиште од село Лисичани, општина Пласница Кичево, со коишто реализираме конкретни активности. Минатата недела добивме и грант, со кој реализираме активности кои се состојат во посета од нивна страна, доаѓаат група наставници и ученици и реализираат часови, кај нив наставата се одвива на турски јазик, па таквите часови се и едно дружење и учење зборови. Потоа веќе шест години сме збратимени со училиштето „Светозар Марковиќ“ од Лесковац, Република Србија, посетите наши и нивни се обично за патронатите.

Супер радио: Во 2016 година во ова училиште беше отворена повеќенаменска просторија за работа со ученици со посебни потреби. Колку деца има згрижено тука и во каква состојба е, дали има се што е неопходно?

Ел Нади: Просторијата е во склоп на библиотеката, средена е и опремена со потребниот материјал. Активно ја користи еден ученик, а имаме дијагностицирани две дечиња. Позитивно е тоа што оваа година ние влеговме и во проектот со персоналните асистенти, така што ученикот има свој личен асистент, го доби тоа што е потребно, да се посвети еден човек на такво дете. Тие си имат предвидени активности во текот на денот, детето останува и подолг период што е олеснување и за родителот и за самото дете, постигнува подобри резултати.

Супер радио: Наближува празникот Велигден, кога учениците приредуваат базар, па во првата половина на мај е и вашиот патронен празник. Како течат подготовките?

Ел Нади: Подготовките за патронатот се веќе започнати, ја одредивме и темата, почнуваат проби. Во однос на базарот, имаме традиција на организирање успешни базари, претходно беше божиќниот, сега е велигденскиот. Имаме одлична соработка со родителите и се подготвуваат и наставниците и учениците. Секогаш имаме успешни базари. Средствата по договор со родителите ги искористуваме за потребите во училиштето. Минатата година набавивме лектирни изданија и го збогативме фондот во библиотеката. И оваа година повторно ќе ги искористиме средствата наменски за училиштето.

Супер радио: Преку проекти на Еразмус плус училиштата добиваат значајна помош на обезбедување на она што им е потребно за одвивање на образовниот процес. Дали се во тек или имате на најава за некои вакви проекти?

Ел Нади: Тука мора да ги пофалам, големи ентузијасти се професорките по англиски јазик и психолошко – педагошката служба. Направивме и аплициравме за К1 проектот, бидејќи основните училишта во Еразмус може да се вклучат најчесто со К1 проектот, а тоа е размена наставници, едукација на наставници, токму за тоа имаме аплицирано. Меѓутоа заради таа упорност во работењето, станати сме и партнери на уште четири други проекти, кои се веќе со К2 програма, каде ќе можеме да соработуваме со училишта од цела Европа. Очекуваме во наредните две години да имаме плоден период во кој ќе размениме искуства, особено што имаме соработка во делот на размена на ученици.

Супер радио: Ги споменавме условите за работа во училиштата, секогаш може да се направи повеќе, а од голема помош во таа насока покрај државата, општината, проектите е и приватниот сектор. Во која насока истиот може да помогне?

Ел Нади: Соработката со локалната заедница е на високо ниво, имаме некоја корист. Во однос на приватниот сектор секако дека може многу да помогне. Веќе имаме една конкретна активност која беше поддржана од фирма од нашето место, станува збор за средување на подрумските простории, ни обезбедија бетон за ставање кошулица на подовите. Помош добивме и за изградба на забавните паркови во нашето училиште. Често се случуваат и некои дефекти во училиштето, за кои слободно може да се потпреме на фирми од тука, од Лескоец, ни излегуваат во пресрет. Кај нас можеби поголем проблем за којшто треба повеќе да се размислува е немањето спортска сала, поради што е отежнато одвивањето на часовите по физичко и здравствено образование, тоа ни е еден погорлив проблем, кој лежи во нерешени имотно-правни односи за да може да се изгради салата. И моите претходнички работеле на тоа да се средат овие односи, продолжувам и јас, се надевам дека ќе најдам решение. И тука поддршка барам од локалната заедница, од локалната власт и кога би го обезбедиле тоа, би изградиле сала, со што ќе се подобри целокупниот воспитно – образовен процес. Со оглед на тоа што училиштата не располагаат со финансиски средства за да ги задоволат своите потреби, секоја помош, донација е добредојдена. Тука ќе ги споменам некои од нив: од проектот за Македонски училишта имаме добиено нагледни средства, проектори, микроскоп, лап топ, озвучување, предмети кои се користат во техничкото образование; од Комерцијална банка добивме пет компјутери; од ЈП „Билјанини извори“ добивме 12 топки; помошта од месната заедница во изградбата на забавниот парк; неодамна од ЛТХ Леарница добивме шкафчиња, распоредени по училниците; во летниот период клубот „Ноќни волци“ ни донира училишни табли. Како училиште отворени сме за соработка.

Image may contain: text

Во текот на февруари и март Супер радио, OhridPress и Inpress ќе ја раелизираат акцијата „ЗАЕДНО до подобри услови за поквалитетно образование на децата“. Сите знаеме какви се условите во кои е државата и локалната заедница, но знаеме и дека децата се нашата иднина и токму влогот во квалитетно образование, со современи наставни помагала и во чекор со светските трендови и потреби во оваа област е од огромно значење. Генерациите се менуваат, секоја година има нови и нови деца, но за жал и нови и нови изговори за некои состојби кои, од овие или оние причини тешко и споро се менуваат.

Апелираме до сите поголеми компании од Охрид и пошироко, кои можат да помогнат да се вклучат (superradio@superradio.com.mk или 046/260-078) во акцијата и преку соодветни донации да помогнеме за поквалитетно образование на децата. Потребите често не се толку големи колку што имаме впечаток и сите заедно можеме да направиме МНОГУ.

Да вложиме заедно во најскапото што го имаме, во иднината и образованието на нашите деца. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес