Избор од Уредникот ОБРАЗОВАНИЕ Охрид Супер образование ТОП ВЕСТИ

Крлеска: Помош е секогаш потребна, од приватниот сектор или други релевантни фактори

Охрид, 27. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Супер радио и порталите OhridPress и Inpress иницираат акција „ЗАЕДНО до подобри услови за поквалитетно образование на децата“ за учество на локалната заедница во подобрување на условите во кои учат најмладите во Охрид.

Преку сондажа на состојбите и интервјуа со првите луѓе на образовните институции ќе направиме обид, заедно со приватниот сектор да помогнеме да се подобри состојбата во овој исклучително важен дел од секое општество.

Мирјана Крлеска, директор на ОУ „Живко Чинго“ село Велгошти, Охрид, во интервју за Супер радио и OhridPress зборува за предизвиците со кои се соочува и потребите на училиштето за што поквалитетен образовен процес.

Супер радио: ОУ „Живко Чинго“ иако и под други имиња и местоположба постои веќе 143 години. Оттука излегле илјадници ученици, од кои голем дел го продолжиле своето образование, а голем е бројот и на оние кои се стекнале со докторски титули. Збор два за самото училиште и со што се соочивте доаѓајки на директорската позиција, во каква финансиска кондиција е училиштето?

Крлеска: Пред сé да ви се заблагодарам за интересот од ваша страна за нашето училиште, за состојбите во него и за неговиот континуитет од почетокот на постоењето па сé до денес. Навистина нашето училиште бележи 143 години постоење, што значи дека за првпат се формирало во 1876 година, во црквата Св. Климент и Св. Пантелејмон во Велгошти. Со текотна времето тогаш наставата ја изведувал попот. Од 1876 година нема прекин во работењето на школото, во континуитет работи до денес на сите можни начини во зависност од периодите низ кои се минувало, се одвивал воспитно-образовниот процес. Почнувајќи од тогаш, во зависност од подемот на зголемување на бројот на учениците, се налагала потреба и од поголема просторија. Поради тоа најпрво почнало во црквата Св. Климент, потоа просторите услови налагале да се направи нова училишна зграда, некаде 1922 година каде сега опстојува и функционира трпезаријата на црквата, подоцна се направила нова училишна зграда некаде од 1927-1929 година на простор помеѓу денешнава училишна зграда и културниот дом „Илинден“, за да веќе 1982 година се изгради оваа зграда, а во 1983/84 гоидна е првата учебна година кога овој објект се става во функција и тогаш почнува како воспитно-образовна институција под името „Коле Неделковски“. Денес можеме да се пофалиме дека се носиме со развојот на техничко-технолошкиот развој, да напоменам дека ги имаме потребните просторните услови, располагаме со 10 училници, имаме 4 канцеларии, помошни простории, располагаме со современи нагледни срества и аналогно на тоа, на сиот континуитет во постоењето бележиме голем број профилирани кадри, доктори на науки, магистри кои денес се еминентни личности вклучени во науката и кои давале и даваат свој придонес во различни области. Да потенцирам дека нашето училиште во суштина никогаш немало проблем со финансиските средства со оглед на тоа што јас и претходно сум била директор и претходно и сега немаме такви проблеми, сме немале блокирана сметка, секогаш сме имале добра финансиска кондиција.

Супер радио: Бројот на запишани ученици од година во година варира. Последниве години се бележи тенденција на намалување. Каква е ситуацијата овде, колку ученици имате моментално и колку годинава ќе го заокружат основното образование?

Крлеска: Во моментов вкупниот број на ученици е 257. Имаме благ пад во бројот на запишување на ученици, но сепак се надевам, со оглед на тоа што како место сме блиску до Охрид, имаме тенденција на доселување, но и на иселување. Сметам дека тоа ќе се компензира во позитивна насока на доселување со тоа што се надевам дека во иднина ќе имаме благ пораст. Оваа година имаме вкупно 29 полуматуранти.

Супер радио: Во рамките на ИПА компонентата на ЕУ за набавка на фотонапонски системи за јавни објекти, токму ова училиште ќе добие ваков систем, што ќе значи и поекономично функционирање. Накратко за што станува збор и до каде е постапката?

Крлеска: Постапката е во тек, системот е комплетно инсталиран, што значи дека прашање на време е кога ќе се пушти во употреба. Се поставија фотоволтаичните панели, тоа се всушност мали централи кои ја користат сончевата и ја претвораат во електрична енергија, имаат моќност 15 KW, што значи дека ќе можеме сами да произведуваме и на некој начин да заштедиме електрична енергија и со тоа всушност можеме да претендираме да станеме и ЕКО училиште. Овој проект предвидува поставување вакви панели на три објекти: општина Охрид, училиштето во Пештани и ОУ „Живко Чинго“, а среќна сум што прво се инсталираа кај нас. Овој грант е добиен од македонската Влада, но сакам да истакнам дека и со помош, заложба и лобирање на в.д градоначалникот Константин Георгиески, ова е навистина голем проект.

Супер радио: Покрај ова имате изработено и аплицирано за неколку проекти. Дали веќе некои се одобрени и за што се однесуваат?

Крлеска: Во континуитет секогаш сме вклучени во некои проекти. Конкретно вклучени сме во проектот „Мултиетничка интеграција“. Во врска со овој проект имаме партнер училиште од Теарце, Тетово. Партнерството се состои во заедничка соработка, организирање заеднички натпревари, учество на наши и нивни ученици на приредби по повод патронатите или други манифестации. Пред неколку дена ни се одобрени 30.000 денари по основ на овој проект, кои планираме да ги искористиме за бојадисување на оградата околу училиштето, а сето тоа ќе се направи заедно со децата од партнер училиштето, кои ќе бидат наши гости. Пред скоро време аплициравме на проект кој се однесува на поддршка на македонските училишта, овојпат добивме највисок грант за ОУ „Живко Чинго“ во износ од 1.500 долари. Одговорен наставник за овој проект кој ја водеше апликацијата беше Марија Ставреска по англиски јазик, но со вклученост на целокупниот наставен кадар. Наставниците направија листа на приоритетни нагледни средства кои се неопходни и потребни за осовременување на наставата и непречено одвивање воспитно – образовниот процес. Средствата од проектот ни се веќе одобрени, во текот на месец мај треба да ни бидат и доделени. Вклучени сме и во еко проектот, кој всушност е интегриран во наставните содржини, но со вклученост на Советот на родители во овој еко проект сакам да нагласам дека од родителите кои се вработени во ЈП „Охридски комуналец“ со нивна заложба беше доделен контејнер за отпадна хартија, потоа ни доделија и неколку зимзелени дрвца така што и тој проект во континуитет го реализираме. Проектот кој е за поддршка на учениците, кој се практикува во сите училишта, околу бесплатниот превоз, бесплатните учебници како поддршка и помош за учениците и родителите.

Супер радио: На располагање на учениците во овој објект има и кујна со трпезарија, имате модерна спортска сала. Условите за работа многу придонесуваат за квалитетот на образованието и резултатите кои се постигнуваат, а ваши ученици навистина имаат со што да се пофалат.

Крлеска: Кујната со трпезарија се надеваме дека пак ќе ја имаме во блиска иднина. Во тој простор сега се згрижени дечињата од предшколска возраст, трпезаријата и кујната се пренамени во детска градинка, со тоа што сега тој простор го издаваме под закуп на министерството за труд и социјална политика. И тоа е добра работа, но уште подобро ќе биде ако повтрорно имаме училишна кујна и трпезарија затоа што со оглед на денешното време, треба да знаеме со што се хранат децата. Се надевам дека во догледно време ќе се направат напори, во соработка со локалната самоуправа повторно да се овозможи во склоп на училиштето да има и кујна и трпезарија. Тоа што имаме спортска сала е голема продобивка. Наставата по физичко и здравствено образование може да се одвива непречено, исто така ја издаваме на спортски клубови каде пак учениците се запишуваат и веќе имаат навика да вежбаат и спортуваат. Редовно се организираат натпревари од општински и регионален карактер. Навистина е среќа да се има спортска сала во склоп на едно основно училиште. На 4-ти март по повод роденденот на салата „Тодор Александров“ беа организирани разни спортски натпревари, со вклученост на сите основни училишта на ниво на општините Охрид и Дебрца, беа доделени многу награди. За среќа в.д градоначалникот Константин Георгиески ни помогна во сето тоа, беше покровител на целата манифестација. Децата кога учествуваат на некои натпревари сакаат да бидат наградени, да имаат медал, пехар, признание или благодарница, што за нив ќе има големо значење да има волја и мотив и во иднина да учествуава на разни натпревари. Во однос на успесите на наши ученици, во континуитет активно земаме учество на натпревари по сите наставни предмети, наставниците заедно со учениците се целосно посветени и се ангажирани. Еве последно беше општинскиот натпревар по англиски јазик, каде нашата ученичка Христина Шибакоска освои трето место со 94 од вкупно 100 бодови, а ментор беше наставничката по англиски јазик Марија Ставреска. Кога учествуваме на натпревари и уште повеќе кога освојуваме високи места тоа е успех за ученикот, за наставникот, за родителите, за вработените, за сите.

Супер радио: Секоја помош, донација за училиштата значи вложување во образовниот процес, влог во иднината. Помошта од општината ја имате, од разни здруженија, организации, а значаен придонес може да има и приватниот сектор. Што е она конкретно што му треба на вашето училиште?

Крлеска: Помош е секогаш потребна, без оглед дали од приватниот сектор или други релевантни фактори, секогаш е добредојдена. Приватниот сектор е малку поспецифична ситуација, помошта зависи од моќта, финансиската состојба во која се наоѓа, но сепак кој колку може, кој повеќе или помалку, нас многу би ни значело. Секој на свој начин, кога би дал придонес ние би почувствувале голема поддршка. Морам да напоменам дека ученици кои се школувале овде, а сега работаат и живеат во странство помагаат на училиштето. Имаме таков еден случај, поранешен наш ученик Безимоски Веле, кој работи во Швајцарија, ни донира машина за чистење на спортската сала, која ни е од големо значење, сепак салата има поголема површина и кога тоа би требало рачно да се чисти, би било голем проблем. Лајонс клубот целосно ни опреми една училница со масички, столчиња, училишен прибор, ранчиња и друг школски прибор. Соработуваме и со црковниот одбор и тие ни излегуваат во пресрет, доделуваат новогодишни пакетчиња, ни помогнаа за поплочување на скалите. Покрај овие соработки, сакам да ја потенцирам и соработката со родителите, која е на високо ниво. Како и во другите училишта се организира новогодишен базар, а собраните средства се купува она што ни е неопходно од нагледни средства. Така оваа година од тие средства се купи лап топ. Сега е планирано за првпат да се организира велигденски базар. Во моментов подготвуваме медиотека, сместена на првиот кат, каде ќе има телевизор, проектор и платно за проектирање, лап топ каде учениците ќе може да си ги реализираат некои часови што им се посебно замислени. Имаме 5 LCD проектори, три лап топ компјутери, 4 смарт табли, целосно опремен кабинет по информатика и секоја наредна учебна година приоритет ни е осовременување на наставата со нагледни средства. Во однос на помошта, сите може да помогнеме, не мора со многу, но со оглед на тоа што децата ни се приоритет, тие се наша иднина, мислејќи на нив, секогаш ќе се трудиме да вложиме во нив, во подобри услови за работа, бидејќи тие се најголемото богатство. Image may contain: text

Во текот на февруари и март Супер радио, OhridPress и Inpress ќе ја раелизираат акцијата „ЗАЕДНО до подобри услови за поквалитетно образование на децата“. Сите знаеме какви се условите во кои е државата и локалната заедница, но знаеме и дека децата се нашата иднина и токму влогот во квалитетно образование, со современи наставни помагала и во чекор со светските трендови и потреби во оваа област е од огромно значење. Генерациите се менуваат, секоја година има нови и нови деца, но за жал и нови и нови изговори за некои состојби кои, од овие или оние причини тешко и споро се менуваат.

Апелираме до сите поголеми компании од Охрид и пошироко, кои можат да помогнат да се вклучат (superradio@superradio.com.mk или 046/260-078) во акцијата и преку соодветни донации да помогнеме за поквалитетно образование на децата. Потребите често не се толку големи колку што имаме впечаток и сите заедно можеме да направиме МНОГУ.

Да вложиме заедно во најскапото што го имаме, во иднината и образованието на нашите деца. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес