За Охридцките работи Избор од Уредникот Локални избори 2019 Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид, градот со повеќе гласачи од жители

За Охридцките работи
Бр. сл. 027/03/2019
Охрид, 30. март 2019 година

Image may contain: text

Ова се само дел од коментарите на охриѓани по објавата на податоците на ДИК за бројот на гласачите во Охрид. Според овој извор, во градот под Самуиловата тврдина право на глас имаат 52.303 гласачи.

Официјалните податоци објавени на веб страната на Заводот за статистика од 30.06.2015 година, говорат дека во Охрид тогаш имало 51.855 жители (една година порано, во 2014-та имало 52.262 жители). Ако одиме по овие податоци, излегува дека Охрид како да нема малолетни граѓани, што бројките ги прави најблаго кажано проблематични.

Она што е најголемата непознаница во оваа „изборна математика“ е секако бројот на иселените лица, односно оние кои заминале во странство, а не се пријавиле дека се иселени. Ако земеме во предвид дека заминува најпотребниот дел од популацијата, оние кои се во полна работна сила и возраст, семејни луѓе, кои откако ќе застанат на нозе, редовно го повлекуваат и семејството, се` појасно е зошто ги нема децата во статистиката. Доказ за овие трендови е и константното намалување на бројот на ученици во паралелките во охридските основни и средни училишта, каде со одлуки на советниците веќе се формираат паралелки со помалку од 24 односно 25 ученици.

Проблемот да стане поголем придонесува и самиот факт што процентот на грешка во бројките е огромен затоа што последниот попис во Македонија беше извршен во далечната 2002 година. Станува јасно дека е речиси невозможно да се знае точниот број на жители и особено бројот на иселени. Од другите податоци кои се достапни се и оние од 2015-та година за бројот на отселени лица од Охрид. Бројките се поразителни.

Отселени граѓани од Република Македонија во други држави од Охрид:
2005 година – 260 лица
2006 година – 409 лица
2007 година – 9 лица
2008 година – 339 лица
2009 година – 537 лица
2010 година – 467 лица
2011 година – 803 лица
2012 година – 983 лица
2013 година – 534 лица
2014 година – 375 лица
2015 година – 384 лица
Вкупно: 5.100 лица

Вкупно отселени граѓани од Охрид:
2005 година – 452 лица
2006 година – 653 лица
2007 година – 220 лица
2008 година – 594 лица
2009 година – 802 лица
2010 година – 676 лица
2011 година – 1.069 лица
2012 година – 1.296 лица
2013 година – 766 лица
2014 година – 643 лица
2015 година – 689 лица
Вкупно: 7.860 лица

Да ја оставиме за момент оваа бројка настрана и да видиме какви беа бројките на изминатите два изборни циклуси за локална власт, односно во 2013-та година и во 2017-та година. Локалните избори, покрај парламентарните се оние на кои се бележи најголема излезност, за разлика од претседателските, кои традиционално се помалку „интересни“ за гласачите. Ова се должи пред се` на државниот систем, изборот на кандидатите, а најчесто на „дворските игри“ и пазарењата кои се прават, со што дополнително се демотивираат гласачите да излезат, особено оние најинтересните за партиите – неопределените.

Image may contain: text

Во 2013-та година, кога на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ заедно со тогашната коалиција и кандидатот, д-р Никола Бакрачески, на изборниот список биле пријавени 50.686 гласачи, од кои гласале 35.311 (со важечки гласачки ливчиња). На 73 избирачки места одзивот на гласачите беше 72,49%. На изборите имаше 5 кандидати од кои победата со 20.004 гласови ја однесе кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Никола Бакрачески, пред Александар Петрески од СДСМ со освоени 13.250 и Александар Митрески од СДПМ со 471, Фетах Елмази од ДПА со 351 и Васил Ристески од СДУ со освоени 235 гласа.

No photo description available.

Во 2017-та година на власт се враќа СДСМ со кандидатот, проф. д-р Јован Стојаноски, кој освои 18.262 гласа, пред д-р Митко Тилевски од ВМРО-ДПМНЕ за кој гласаа 13.560 и Стевче Стевоски, кој освои 679 гласови од охриѓани. На изборниот список биле пријавени 52.858 гласачи, од кои гласале 32.501 (со важечки гласачки ливчиња). На 89 избирачки места одзивот на гласачите беше 63,90%.

Охриѓани на 21-ви април ќе избираат нов градоначалник, откако на 15-ти декември минатата година, ненадејно почина досегашниот градски татко, проф. д-р Јован Стојаноски.

За престижната функција прв човек на Охрид се поднесени пет кандидатури – на д-р Константин Георгиески од СДСМ, д-р Митре Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ, Михаил Трендафилов-Нанче од ГДУ, Стевче Стевоски од партијата Демократи и Џемал Мена, како кандидат на Движењето БЕСА. На овие вонредни локални избори во Охрид нема независен кандидат.

Овие избори се исклучително важни за двете најголеми партии, затоа што можат да бидат „лакмусот“ кој ќе покаже каде се движи расположението на гласачкото тело во моментов по „тектонските промени“ кои му се случија на македонското општество периодов наназад.

Анкетите покажуваат релативно тесни резултати, и за локалните и за претседателските избори, што скоро во целост ја исклучува можноста за бојкотирање од страна на опозицијата. Особено интересна ќе биде и „битката“ во албанскиот корпус, каде видно ослабените ДУИ се под сериозен удар на Алијансата на Албанците и БЕСА. Доколку нивниот претседателски кандидат постигне посериозна бројка на овие избори, можно е и сериозно прегрупирање на силата и во овој дел на македонското општество.

Изборните каравани тргнуваат веќе од понеделник. Чувајте си го здравјето, не си дозволувајте да се скарате со соседот, пријателот или познаникот заради партиската „кауза“. Ние имаме само една заедничка кауза – името и е Македонија, ама и тука не се покажавме нешто посебно. Одберете го кандидатот кој е најблиску до Охрид кој го сакате, слушајте ги што зборуваат, што ветуваат, видете што правеле претходно и како го правеле тоа. Каде што течела вода, пак ќе тече. Слушајте, запишете си што ветуваат за да ги потсетиме кога ќе седнат на првата фотелја на „Димитар Влахов“ број 57.

Сашо Митан

30.03.2019 година