Избор Општина Дебрца Охрид ТОП ВЕСТИ Хроника

Охридската противпожарна единица со полни раце работа, пожари во Охрид и Ботун

Охрид, 30. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охридската противпожарна единица повторно со полни раце работа. Во текот на вчерашниот ден се случија три пожари, од кои два во Охрид, а третиот во селото Ботун.

На 29-ти март оваа година, околу 10:00 часот, 55-годишниот М.Х. од Охрид пријави во Полициската станица во Охрид пожар на нива во близина на улицата „Гоце Делчев“. Од извршениот увид, констатирано е дека пожарот го предизвикал 35-годишниот А.И. од Охрид, кој, извршувајќи земјоделски работи на нивата, фрлил отпушок од цигара. Притоа, опожарени биле неколку соседни ниви и две куќи сопственост на лица кои се на привремена работа во странство. По целосно документирање на настанот, СВР Охрид ќе поднесе соодветна пријава.

Вчера, околу 10:20 часот, во СВР Охрид било пријавено дека на истата улица, „Гоце Делчев“, 35-годишниот А.И. од Охрид запалил сува трева во нива сопственост на неговиот дедо, при што се запалила покривна конструкција на куќата сопственост на М.А. од Охрид. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Охрид, а повредени лица нема. А.И. бил приведен во полициска станица за расчистување на случајот. Увид извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Охрид.

Во друг случај, на 29-ти март оваа година, околу 17:00 часот, во селото Ботун, во општина Дебрца изби пожар на отворен простор, во кој, целосно изгореле електричен столб сопственост на „ЕВН“ и други предмети во приватна сопственост. Од извршениот увид, констатирано е дека пожарот бил предизвикан од страна на 55-годишниот Б.С. од селото Ботун. Тој е лишен од слобода и против него ќе биде поднесена соодветна пријава. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: архива

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење