ЕКОЛОГИЈА Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Во ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец одбележан Денот на младинските работни акции (Фото)

Охрид, 1. април 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во ОУ „Ванчо Николески“ во охридското село Лескоец, денес се оддржа централната манифестација по повод Денот на младинските работни акции.

– Денес е денот на младинските работни акции 1-ви април, кога младинските работни акции беа почеток на едно време кога 90 километри пруга се градеше за 6 месеци, 360 километри автопат за 3 години, а 60.000 млади со лопата, количка и љубов ги надминуваа сите реални норми. За нас е најголемо задоволство тоа што и младите од ОУ „Ванчо Николески“ во селото Лескоец ја прифатија оваа наша хумана идеја и ги научија правите вредности – акцијаштвото, волонтеризмот, хуманоста и солидарноста, изјави за утринската програма на Супер радио Зоран Стевоски од „Брег на младоста“.

Активностите се дел од проектот „Охрид чист во еден здив“ на членовите на Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид. Учениците од ОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, под мотото „Гумата не горија, за украс обои ја“ и слоганите „Од гумата не прави чад, туку создади парк“, „Гумата може да краси, а не да гнаси“, „Една гума, едно растение“, „Стара гума, нов свет“ веќе дваесетина дена наназад создаваа свои креации кои воодушевуваат.

И за оваа година клубот „Брег на младоста“ ќе учествува на бројни акции, а во план е заедничката акција на клубовите во Република Македонија да се организира во Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива