Избор Локална самоуправа Локални избори 2019 Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Георгиески: Во паралелниот универзум на ДПМНЕ, задолжувањето и криминалот се нормалност, а раздолжувањето и домаќинското работење се скандал

Охрид, 4. април 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во паралелниот универзум на ова ДПМНЕ белото е црно, а лагата е вистина.

Во тој универзум, задолжувањето и криминалот се нормалност, а раздолжувањето и домаќинското работење се скандал, порача денес в.д градоначалникот и кандидат за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ, д-р Константин Георгиески, како одговор на вчерашните обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потенцира дека Советот на општина Охрид донесе одлука со која Охрид го намали долгот натрупуван 3 децении за 2/3.

– Долгот е намален за вкупно 948.023.989 денари, или околу 15.400.000 евра. Од оваа сума 495.679.436 денари се обезбедени од страна на Владата, 260.000.000 денари се по основ отпис на камати кои општината ги испреговара со доверителите и 192.344.553 денари се обезбедени од буџетот на општината. Општината, како и сите други, согласно Законот за финансиска поддршка на Единиците на локална самоуправа, имаше рок до 1-ви јуни да ја направи финалната листа. Имајќи во предвид дека вториот круг од изборите е закажан за 5-ти мај, не постои апсолутно никаква гаранција дека Советот ќе се состане до 1-ви јуни, потенцира Георгиески и додаде дека како одговорно раководство не сакале да ја пропуштат дадената историска можност што ја возможи Владата заедно со дополнителните ангажмани и финансии обезбедени од општината, Охрид од должник рекордер во државава да го направат кредибилен партнер на финансиските институции и бизнис секторот генерално.

Георгиески запраша зошто тоа исто ДПМНЕ во времето на нивна локална и централна власт не ја раздолжи општината.

– Да не ја залажуваме јавноста повеќе, охриѓани после толку долго време добро знаат што е лага, што е вистина. Знаат што се факти и бројки од една страна, а што е лошо и лажно сценарио, изработено од кујната на ДПМНЕ, наменето само за плукање на моменталното раководство од друга страна. За ДПМНЕ остана срамот од предходното нивно владеење, но останува и овој завчерашен срам. Наместо да учествуваат во овој историски процес за Охрид и во оваа инвестиција во сегашноста и во идината на нашите поколенија, советниците од ДПМНЕ по налог на белата палата од Скопје, гласаа воздржано. Веројатно и нив им проработе малку совеста, па им беше непријатно да гласаат против. Сепак, тие ќе треба да се соочат со гневот на охриѓани и со сопствената совест, а не пишувачите на лажни вести од белата палата во Скопје, додаде Георгиески.

Натаму додаде дека не очекуваат аплауз од политичкиот противник, но очекуваат барем да не го блокираат развојот на Охрид за ситни, дневнополитички и ситнопартиски интереси.

– Нормално е дека во паралелниот свет на ДПМНЕ ништо тое не е точно. Ни инсинуациите, ниту бројките, па на крајот ни името на в.д градоначалникот. Кандидатот Константин Георгиески во сред изборна кампања не прави масовен поткуп на бизнисмените во Охрид, кандидатот Константин го раздолжува Охрид. Меѓутоа, враќањето во реалноста им следи по изборите. По нив повторно ќе се погледнеме во очи и заедно ќе продолжиме да работиме за развојот на Охрид, заврши Георгиески. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење