Избор Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Божиновски: Незаконски сменет печатот на општина Охрид

Охрид, 5. април 2019 (ОХРИДПРЕС) – СДСМ и Георгиески толку послушно и понизно ги спроведуваат незаконските одлуки повикувајќи се на одлуките на Владата на Република Македонија да се промени Статутот на општината, обвини портпаролот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, Перчо Божиновски.

Тој побара од в.д градоначалникот да одговори како е извршена промена на официјалните печати на општината и наместо Република Македонија, тие се испишани со Република Северна Македонија.

– Децидно во член 10 од Статутот на општина Охрид и јасно стои што треба да пишува на печатот. Кој ќе одговара за тоа што незаконски се изработени нови печати и ги има како доказ два дена последователно на официјални документи од општина Охрид? За да се изврши промена на Статут на општината врз основа на член 18, точка 1 потребна е Одлука на Совет, но таква Одлука не е донесена. Охриѓани треба да знаат дека СДСМ работи против нивната одлука донесена на референдумот на 30 септември, за печатот на општината наместо досегашниот назив Република Македонија да го носи називот Република Северна Македонија. Наместо Георгиески да ја потценува интелигенцијата на охриѓани и да ветува исти работи што ги ветуваше како носител на советничка листа треба да им каже дека сака спротивно на Законите секаде каде што се споменува зборот Република Македонија да се замени со зборот Република Северна Македонија, потенцира Божиновски.

Додаде дека за флагрантното кршење на Статутот и Деловникот за работа на Советот ќе ги известат сите засегнати институции и ќе поднесат соодветни пријави. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење