Избор од Уредникот Локални избори 2019 На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ

Трендафилов Нанче: Во тешките моменти се раѓаат најголемите и најдобрите работи

Охрид, 11. април 2019 (ОХРИДПРЕС) – Каков е по карактер надвор од политичката сцена, за професионалните предизвици, за животното мото и мудрост што сака да ја пренесе на внукот од синот кој е централен фокус на семејството и за уште многу интересни теми.

За се` освен за политика, во интервју за Супер радио и OhridPress разговараше денес Александра Алексијевска во емисијата Radio Corner на Супер радио со бизнисменот Михаил Трендафилов Нанче, денес кандидат за градоначалник на Охрид од пратијата ГДУ.

Супер радио: Најпрво, како Ве опишуваат пријателите, кој е Михаил Трендафилов Нанче приватно, надвор од политичката сцена и како дојде до надимакот Нанче?

Трендафилов Нанче: Пред се` сум многу комуникативна личност, ведар и во секое време расположен за дружба со весели луѓе. Секогаш сум оптимистички настроен и тврдам дека во тешките моменти се раѓаат најголемите и најдобрите работи. Најдобиот блуз е создаден на памучните полиња. Прекарот Нанче ми е кратенка од фразата „најди нешто чесно“.

Супер радио: Денот веројатно го почнувате со кафе. Имате ли и какви се Вашите утрински ритуали?

Трендафилов Нанче: Прво кога ќе станам сакам да поседам малку сам со себе. Веќе потоа можам да се напијам кафе дома или да излезем со пријателите на кафе муабет и дружба. Многу едноставно го поминувам денот и не се доживувам како некоја комплицирана личност во овој поглед.

Супер радио: Дипломиравте на Градежниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, како градежен инжинер. Кое беше Вашето прво работно искуство, прво вработување?

Трендафилов Нанче: Првото вработување ми беше во ЕМО Охрид, како градежен инжинер, работев на проектирање на челични далекуводни конструкции. Со ЕМО го проектиравме првиот далекуводен столб, кој ЕМО го направи во соработка со Италијаните.

Image may contain: 1 person

Супер радио: Кај нас државната работа била и се` уште е поатрактивна од работата во приватниот сектор. Во раните 90-ти години Вие донесовте одлука да ја напуштите државната работа и да основате своја приватна фирма. Што Ве натера да не „играте“ на сигурно и да донесете таква одлука?

Трендафилов Нанче: Уште од доцните 80-ти години години беше јасно дека Југославија ќе се распадне. Тогаш владееше песимизам и разочараност кај сите. Јас не можев да чекам да почене тој процес на „распаѓање“ на системот, за да тргнам напред. Јас никогаш не сум можел да сфатам да одам на работа и да гледам како луѓето го „удираат“ картонот, за да се напијат едно кафе и ништо да не работат, тоа за мене не беше сфатливо. И во социјализмот и во капитализмот важно е да се има љубов кон работата и кога тоа се поседува во секој систем ќе ти биде лесно.

Супер радио: Оженет сте, татко на две деца, а внукот од синот е веројатно Ваш семеен фокус во моментов. Која е најважната животна мудрост што би сакале да му ја пренесете во животот?

Трендафилов Нанче: Животот е убав, тоа би сакал да им го пренесам како животна девиза. Внучето го воспитуваме домаќински и чесно. Тие живеат во Скопје и не сме многу често заедно, но кога доаѓаат во Охрид многу сакаме да се шетаме со миленикот руски териер, кој внукот многу го сака, иако кучето е физички три пати поголемо од него.

Супер радио: Бидеќи договорот е да не зборуваме за политика и за работите што ќе ги направите доколку стнете градоначалник, од работите кои до сега сте ги направиле во животот, на што сте најгорд?

Трендафилов Нанче: Најгорд сум што успеав во животот од ништо, да направам нешто. Тргнав буквално од нула, создадов голема фирма, компанија „Леснина инженеринг“, која за жал згасна со ударот на светската економска криза. Самиот деловен пат кој го поминав за мене е голема работа.

Image may contain: 1 person

Супер радио: За патувања со Вас би можеле долго да зборуваме, сте го пропатувале скоро цел свет. Веруваме дека со ништо не би го менувале родниот Охрид, но ако мора да одберете, која земја, кој град би го избрале за живеење? Која култура е најблиску до Вашиот дух?

Трендафилов Нанче: Јас сум чуден човек, каде и да сум секаде ми е убаво. Од Кина, до Канарските острови, од Финска до Арабија, секаде ми било убаво. Ако веќе мора да изберам би рекол дека Словенија и општо Балканот ми е многу убав, но мислам дека Италија како земја е најблиску до мојот менталитет и дух.

Супер радио: Каква музика слушате? Кој е концерт кој кога и да затворите очи може повторно за секунада да се вратите на тој настан? И се разбира разговорот ќе го завршиме со песна која Вие сакате да ја слушнеме во Radio Corner.

Трендафилов Нанче: Јас сум музички образован и како дете доста свирев на игранки и дружби. Музиката што ја слушам, секогаш зависи од приликата и расположението. Најсилен впечаток ми има оставено еден Фламинго концерт на Канарските острови, во секое време би можел да се навратам на тоа искуство или пак повторно да го слушам истото. Пред крај би сакал да ја слушнеме „Цреша“, извонредна песна на Тоше Проески.

Супер радио и OhridPress започнаа со поблиско претставување на кандидатите за градоначалник на Охрид. Сакаме да ги доловиме малите човечки моменти, животни патеки, образование, лични приказни, од каде доаѓаат и каде сакаат да се движат, заедно со градот во иднина.

Прв гостин беше Џемал Мена, а вчера се запознавме и со Стевче Стевоски од партијата Демократи. Интервјуата се емитуваат од 12:30 до 13:00 часот, во аудио и видео форма од новиот хотел Sky Corner, од каде кандидатите ќе имаат прекрасен поглед кон Охрид, градот за кој се „борат“.

Следен гостин, во вторник, на 16-ти април ќе ни биде д-р Митре Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Eмисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење