ОБРАЗОВАНИЕ

Продолжува велигденската хуманитарна традиција во ОУ „Григор Прличев“ со поддршка на „Тамаро“ маркетите

Охрид, 11. април 2019 (ОХРИДПРЕС) – Денес започна хуманитарната акција „Желба наша за радост ваша“, која што по втор пат се реализира во ОУ „Григор Прличев“ во Охрид, со поддршка на охридските „Тамаро“ маркети.

Стартот се означи со тоа што децата ја отворија т.н. „временска капсула“. Учениците читаа желби и замисли од минатата година и се присетуваа на она што го посакале.

– Се залагаме да им исполниме дел од остварливите желби на учениците. Имаше поголеми и помали желби… Од материјални работи, до желби за љубов во домот и живот со семејството заедно. Учениците дури и си препознаваа дел од напишаните желби и беа среќни што дел им се остварил. Со ова ја започнуваме повторно хуманитарната акција, во која со поддршка на „Тамаро“ маркетите ќе овозможиме помош за ученици од социјално загрозени семејства за екскурзија или некоја друга потреба, велат од ОУ „Григор Прличев“ од Охрид.

Учениците ќе купуваат Киндер јајца од „Тамаро 7“ маркетот и своите желби повторно ќе ги „затворат“ во пластичните кутивчиња од Киндер јајцето и ќе ги стават на Дрвото на желбите во дворот на ОУ „Григор Прличев“ во текот на наредната недела. По празникот Велигден желбите повторно ќе бидат ставени во „временската капсула“.

Ова е иницијатива на вработените и учениците од ОУ „Григор Прличев“, но може да се приклучи секој кој сака и може да помогне, а при тоа да замисли и остави своја желба на Дрвото на велигденските желби, во дворот на училиштето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива