Економија Избор Избор од Уредникот Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Субвенциите го покачуваат туристичкиот промет, туроператорите реагираат на нелогичности во Правилникот

Охрид, 12. април 2019 (ОХРИДПРЕС) – Буџетски средства за субвенции во туризмот има, а туроператорите имаат „главоболки“ со технички недоразбирања околу толкувањето на Правилникот за субвенционирање.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот денеска во Охрид пред домашните туроператори ги презентираше начините за аплицирање за субвенции за организиран туристички промет.

Според туроператорите, субвенциите биле една од главните причини за покачување на бројот на гости во земјава. Потенцираа дека субвенциите редовно се исплаќаат, а низ годиниве имале потешкотии од техничка природа околу толкувањето на Правилникот за субвенционирање.

– Морам да напоменам дека останува на државата во врска со измената на законот за субвенционирање, сегашниот баш не е функционален, мислам дека треба да има измена за подобрување на начиниот на субвенционирањето и подобар успех на туроператорите. За нас нема некое значително доцнење, оние субвенции кои се одобрени се исплаќаат во редовен рок, но има некои технички недоразбирања во врска со толкувањето на Правилникот, бидејќи има приватно сместување кои нудат услуги за сместување, има хотели и тука има законски толкувања кога доаѓаме до пречки и затоа треба да има законски промени, потенцира Челик Асим од ТА „Охрид Холидејс“, партнер на туроператорот ТУИ.

Тој очекува добра сезона имајќи го во предвид фактот што оваа година ТУИ ќе има 7 чартер летови неделно со туристи од Бенелукс.

Моментално висината на субвенцијата е 65 евра по патник, што според туроператорите не е реална, бидејќи истата за гостин кој престојува во хотел од висока категорија не е многу, но за некој што престојува во приватно сместување цената за престојот е пониска од самата субвенција.

Првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски потенцира дека минатата година е направена ревизија на работењето на агенцијата, забележан е раст од 33% во исплатата на субвенции и 35% повеќе обработени предмети споредено со 2017 година.

– Во 2018 се исплатени заостаната субвенции за 2016 и 2017 година на одредени туоператори за кои имаше судски спорови. Во 2019 редовно се исплаќаат, со сегментот избори ќе почнат дополнително да бидат исплаќани по нивно завршување. Од почетокот на оваа година околу 10% од буџетот за субвенции е веќе исплатен, потенцира Јаневски.

Тој подвлече дека буџетски средства за субвенции има. Секој категоризиран објект во земјава кој поднел барање и ја има целокупната соодветна документација ќе добие субвенции. Потребно е да се создаде еден нов систем на субвенционирање кој повќе ќе до зајакне македонскиот туристички сектор.

– Може да биде плаќање по категоризација, би можело да се зголеми просечниот престој во државата сега е 3 може да биде 4 дена, може да бидат во сезони и надвор од сезона, се надевам дека во овој дух ќе бидат елементите кога се во прашање одредени пазари, рече Јаневски.

Минатата година биле исплатени 77 милиони денари на име субвенции. Според податоците на „Евростат“ ние сме прва земја во Европа која минатата година забележала зголемување на ноќевањата за 22,1% , а за првпат по 9 години бил евидентиран пораст кај просечниот престој на туризтите во државава, што пак се рефлектира на девизниот прилив. Ланскиот бил за 16,7% повисок во однос на 2017 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење