Избор од Уредникот ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Охриѓанецот Алекс Попстефанија дел од екипата која ја направи првата, спектакуларна фотографија од Црна дупка

Бостон/Скопје, 13. април 2019 (ОХРИДПРЕС) – Алекс Попстефанија, момчето кое е по потекло од Охрид е дел од екипата која дојде до првата во историјата, спектакуларна фотографија на Црната дупка, како дел од тимот кој работи на телескоп во Мексико, Event Horizon Telescope (ЕНТ).

Илија Дуковски од Бостон, за порталот Офф.нет разговараше со Попстефанија за подвигот на групата научници.

– „Црна дупка“ е регион во вселената во кој доминира не-њутновска гравитација, односно неверојатно големо количество маса е „стуткано“ на релативно мал простор. Во случајот со супермасивната црна дупка на М87, таму постои маса чие количество изнесува колку 6 милијарди сонца, во регион во должина од околу 1.5 светлосни денови. За споредба, целиот наш сончев систем до Плутон е околу 10 светлосни часови. „Хоризонтот на настани“ ја означува границата на црната дупка; каква и да е материја или фотони внатре неа, ќе останат заробени засекогаш. Во нашата 3Д перцепција на реалноста, црната дупка може да се замисли како невидлива сфера, при што радиусот на истата го претставува хоризонтот на настани. Кампањите на набљудување беа спроведени во април 2017 и април 2018 и обете траеа по пет денови. Овие податоци беа снимени кога главните целни извори беа оптимално видливи ноќе, и кога времето беше глобално најдобро за нашите опсервации. Секој телескоп ги набљудуваше целите SgrA* и М87 oколу 8 часа секоја ноќ. Меѓутоа, соработката на EHT еволуираше во тек на 20 години. За ваков глобален потфат е потребно развивање нов хардвер и софтвер, и тоа се правеше во последните неколку години, кога во проектот се вклучија нови телескопи. Меѓу проблемите кои требаше да бидат разрешени спаѓаа координацијата на инструментите, софтверот за напредно процесирање, надополнување на хардверот и други технолошки и практични аспекти, за да се синхронизираат постоечките телескопи во глобално координирани опсервации во опсегот на ЕНТ. Откако во април 2017 беа снимени првите податоци, тие беа испратени до централните станици за процесирање – Институтот за радио астрономија Макс Планк и Хајстек опсерваторијата на МIT – потоа тие беа внимателно процесирани, калибрирани, анализирани и на крај интерпретирани со користење на најнапредни компјутерски алатки создадени посебно за овој експеримент од страна на соработниците на проектот. Додека „правењето слика“ од процесираните и добро калибрираните податоци сега трае само неколку минути, развојот на процедури и алатки кои го овозможуваат ова бараат многу време и напор од голем број посветени експерти, вели Попстефанија.

Комплетното интервју ОВДЕ. (Крја)

извор: Офф.нет фото: архива

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење