Избор од Уредникот Локални избори 2019 Охрид ТОП ВЕСТИ

Последна седмица од кампањата, во недела охриѓани ќе избираат градоначалник

Охрид, 15. април 2019 (ОХРИДПРЕС) – Започна последната недела од кампањата за вонредните локални избори во Охрид. Веќе во недела, охриѓани ќе имаат можност да го дадат својот глас за еден од петте кандидати, кои изминативе 15 дена, секојдневно ги убедуваа дека се вистински избор за нов градски татко.

Во делот на кампањата, скоро и да нема никакво квалитативно поместување. Се испраќаат стандардните пораки, спотови, појавувања и лични портрети на кандидатите. Автобуси, сендвичи, митинзи на кои се сака да се покаже моќ, бројност и сила… Веќе видени сценарија и се` подлабок јаз помеѓу стратегиите и местото каде вистински се наоѓаат гласачите, што тие сакаат да слушнат, кои се нивните реални очекувања и потреби, како да се стигне до нив…

На дел од локалните медиуми се објавуваат рекламни спотови за кандидатите за градоначалник, а на дел се емитуваат само спотови за претседателските кандидати, што е скоро неверојатно ако се знае фактот дека се работи за локални избори во град со важност каква што има Охрид. Сепак, тоа е проценка на изборните штабови, од кои дел од следниот понеделник ќе треба да излезат со сериозни објаснувања, зошто бројките се токму такви.

Оваа недела не очекуваат посети на потешка партиска „артилерија“ од Централата во Скопје, кои ќе не убедуваат дека токму нивниот кандидат е најдобриот избор за Охрид.

Изборите за градоначалник на Охрид се во длабока сенка на претседателските избори, за кои кампањата е во полн ек и се` повеќе се заострува. Веќе имавме неколку соочувања на кандидатите, на кои паднаа и првите пожешки ставови и искри помеѓу кандидатите. Овде станува збор за препукувања помеѓу кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски, додека кандидатот на Алијансата на Албанците и БЕСА Блерим Река е максимално сконцентриран на тоа да освои што е можно поголем број гласови, за да се разниша ДУИ, чиј рејтинг е во слободен пад. На Река и партиите зад него им е совршено јасно дека таа доверба ќе се валоризира веќе на следните избори и во таа насока се сите активности на оваа политичка групација.

Ова дотолку повеќе, што според последната анкета на Институтот за демократија Социетас Цивилис во Соработка со МЦМС, Пендаровски има 3,7% предност пред Силјановска Давкова. Ако СДСМ и ДУИ (заедно со останатите партии од коалицијата), во моментов тежат 3,7% повеќе од ВМРО-ДПМНЕ, а Блерим Река има стабилни (и одлични) 11%, тогаш е јасно дека вториот претседателски круг ќе биде и повеќе од интересен. Албанците кои го дале гласот за него, тешко дека слепо ќе го послушаат Река за тоа каде да ги насочат гласовите (сепак се работи за поддршка од релативно мали партии во сериозен подем како Алијанса на Албанците и БЕСА), а уште потешко дека истите кои се определиле за оваа опција ќе излезат да гласаат за ДУИ, партијата на која толку тешко и` одат промените и самопрочистувањето. Во вакви услови, бојкотот на дел од албанското гласачко тело во вториот круг е една од посериозните опции. Уште повеќе светлина на овие процеси фрла и изјавата на претседателот на Алијансата на Албанците Зијадин Села, кој вчера од тетовско Желино, упати сериозни критики до СДСМ и ДУИ и јасно порача дека тие „некогаш нема да поддржат некој кој не е како нив и не е Албанец“. Првиот човек на БЕСА, Билал Касами истакна дека „Пендаровски знаел дека нема да го има чистиот глас на Албанците“.

Бројките се извлечени од анкетата правена за довербата на претседателските кандидати, но ако се направи симулација и истите се пренесат на локално ниво (како показатели за поддршката кон партиите), тогаш станува јасно дека и „битката“ за Охрид ќе биде сериозно интересна. На последниот изборен циклус, разликата со која кандидатот на СДСМ ја освои власта пред кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ беше нешто над 4.700 гласови. Ако Стевче Стевоски, кој тогаш освои 679 гласови, сега со програма и активна кампања стигне и ја помине границата од 1.000 гласови, а по толку (а дел и повеќе) освојат и останатите кандидати од помалите партии, тоа ќе ја направи „математиката“ и повеќе од интересна. Ако предноста од 3,7% од државно ниво ја пренесеме на локално ниво, со нешто над 52.000 избирачи запишани на избирачкиот список во тотал, стигнуваме до предност од само 1.900 гласа во корист на кандидатот на СДСМ, односно само 1.250 гласа, ако се земе во предвид дека од нив на последните избори излегле да гласаат 33.774 избирачи.

Веселата „математика“ секако е различна на терен, ќе треба да се земат во предвид и резултатите од првиот изборен круг за да се направи реално согледување за тоа каде се движи поддршката на гласачите. Сепак, со ваква поставеност на работите на терен, и доколку не одекне силно некоја локална „Бомба“ за некој од кандидатите, очигледно е дека победата ќе ја однесе оној кој ќе успее највешто да се договори.

Охриѓани на 21-ви април ќе избираат нов градоначалник, откако на 15-ти декември минатата година, ненадејно почина досегашниот градски татко, проф. д-р Јован Стојаноски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес