Спорт

По вторпат Меѓународен меморијален атлетски митинг „Влатко Димитров“

Охрид, 15. април 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во сабота, 27-ми април Охрид по вторпат ќе биде домаќин на Меѓународниот меморијален атлетски митинг „Влатко Димитров“.

Организатор на меморијалниот митинг во чест на професорот и тренер е АК „Охрид“, заедно со Атлетската федерација на Македонија. Влатко Димитров остави неизбришливи траги во историјата на македонската атлетика и како тренер на атлетски клуб „Охрид” и како долгогодишен селектор на македонската атлетска репрезентација.

Учесниците ќе се натпреваруваат во неколку дисциплини:
Мажи: 100м; 400м; 1500м; 3000м стиплчес, Копје и Диск; Скок во височина;
Жени: 100м; 400м; 1500м; 3000м стиплчес, Ѓуле и Диск; Скок во височина.

Како меморијална дисциплина на овој митинг ќе биде и скок во далечина во машка и женска конкуренција, дисциплина во која Димитров имаше најмногу успеси во својата долгогодишна кариера.

Се очекува годинашниот митинг да биде помасовен од лани, а има најава за учество од неколку странски екипи кој ќе го збогатат настанот со квалитетни натпреварувачи, велат од АК „Охрид“.

Меѓународниот меморијален атлетски митинг „Влатко Димитров“ ќе се одржи на спортско – рекреативниот центар „Билјанини извори“ со почеток во 11:30 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива