Избор Струга ТОП ВЕСТИ

Фазлиу: Набавката на нов луксузен автомобил за општина Струга е грешка која ќе се обидеме да ја поправиме

Скопје/Струга, 17. април 2019 (ОХРИДПРЕС) – Набавката на нов луксузен автомобил на општина Струга вреден 67 илјади евра, министерот за локална самоуправа Сухеил Фазлиу ја оцени како грешка, и најави дека ќе се обиде да ја поправи.

Министерот Фазлиу вети дека ќе оди во Струга да поразговара со градоначалникот Рамиз Мерко и лично да се информира за набавката на обновениот возен парк на оваа локална самоуправа. Вели дека Владата нема моќ да му наложи на градоначалникот Мерко да се откаже од новото службено возило.

– Тој буџет и таа набавка поминале во Советот каде гласало мнозинството и изгласало. Доколку приметиле недолично однесување, или ако се работело за луксузирање, советниците можеле да ја стопираат. Друг механизам не постои, рече министерот Фазлиу.

Од Тв Алсат информираат дека се обиделе да стапат во контакт со градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, но неговиот мобилен телефон со часови беше исклучен.

Ставот на Мерко, по ова прашање е веќе познат. Новото возило за него не претставува луксуз. Дополнително, во медиумите тој се шегуваше дека требал да купи поскапо возило, како што прилега на еден градоначалник.

Ресорниот министер Фазлиу пак повторно најави дека очекува Антикорупциска и Државниот завод за ревизија да ги прочешлаат финансиските извештаи не само на Струга, туку и на сите локални самоуправи и да проверат дали транспарентно се трошеле јавните пари. (Крај)

извор: Тв Алсат М фото: архива

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење