Избор од Уредникот Локални избори 2019 Охрид ТОП ВЕСТИ

Георгиески: Луѓето ме доживуваат како премногу сериозен, но верувајте, секогаш кога ќе се насмеам, тоа го правам искрено и од душа

Охрид, 17. април 2019 (ОХРИДПРЕС) – За маните и доблестите како човек, надвор од политичката сцена, за одлуката по специјализацијата во странство да се врати во родниот Охрид и да основа своја ординација, за планинските височини и она што го привлекува во освојувањето на нови врвови и за уште многу интересни теми.

За се` освен за политика, во интервју за Супер радио и OhridPress разговараше денес Александра Алексијевска во емисијата Radio Corner на Супер радио со д-р Константин Георгиески, в.д градоначалник и кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ.

Супер радио: Што сметате дека е Ваша најголема доблест и најголема мана во поглед на тоа каков сте вон политичката сцена?

Георгиески: Веројатно доблеста и маната се поврзани и најчсто едното произлегува од другото. Најголема доблест мислам дека ми е тоа што сум одмерен, студиозен, тешко давам ветувања, ретко зборувам на празно, а од тоа произлегува и маната, односно често пати луѓето ме доживуваат како премногу сериозен или кажано на охридски дијалект, намќор. Главната забелешка во кампањата ми е тоа што премалку се смеам, меѓутоа верувајте секогаш кога ќе се насмеам, тоа го правам многу искрено и од душа. Верувам дека треба почесто да се смеам.

Супер радио: Како почнува едeн Ваш обичен ден. Со кого го пиете првото кафе?

Георгиески: Пред да станам в.д градоначалник, наутро прво џогирав или возев велосипед, потоа половина час од 08:00 до 08:30 часот со другарите во градските кафулиња го пиев првото кафе во денот. Потоа започнував со мојот термин за преглед на пациенти од 09:00 до 14:00 часот. Потоа ќе ги земев децата од градинка или училиште, по што следи семејниот ручек. Меѓутоа, сега сето тоа е променето.

Image may contain: 1 person, sitting

Супер радио: По струка сте специјалист интернист. Што беше клучно да ја засакате медицината?

Георгиески: Бев одличен ученик и многу ги сакав природните науки, биологијата и хемијата, а одев и по натпревари по физика. Веројатно медицината ја засакав и одлучив да ми биде професија поради тоа што мојата мајка, која беше лекар, а денес е во пензија.

Супер радио: По завршувањето на студиите во Скопје, специјалистичкото образование го продолживте во САД и Финска. Кое беше Вашето прво вработување и како се одлучивте да основате приватна здравствена ординација?

Георгиески: Првото официјално вработување беше во мојата ПЗУ „Дарон“. Претходно една година бев дел од Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, но таму бев со договор, по што заминав на специјализација. По враќањето во Охрид во 2007-ма година, ја основав ПЗУ „Дарон“.

Супер радио: Во потрага по поквалитетен живот, докторите многу често размислуваат да се иселат од тука. Што беше пресудно во одлуката по специјалистичките едукации во странство да се вратите во родниот Охрид?

Георгиески: Љубовта кон Охрид, пријателите, слободата која тука ја имаме сето тоа ме од секогаш ме привлекувало. Со ништо не би можел да го заменам тој релаксиран и специфичен охридски начин и стил на живот кој тука го имаме.

Супер радио: Оженет сте и татко на две деца. Поради многубројните обрски во овој период веројатно жалите што денот нема неколку часа повеќе. Имате ли разбирање од семејството за сето ова?

Георгиески: И претходно како в.д градоначалник, а посебно сега во текот на кампањата како да ми фали некој час повеќе во денот. Во моментов приоритет ми се обврските кои ги имам во општината, затоа што процесите и процедурите независно од се мора да течат, сепак градот мора да живее и тоа ми е на прво место. Останатото слободно време го користам во кампањата. Недостига повеќе време, но околу сето тоа имам и поддршка и разбирање од семејството.

Image may contain: 2 people, people smiling, people standing

Супер радио: Од она што се знае за Вас е дека височините Ве прават многу среќен, Вие сте пасиониран планинар и скијач. Што Ве привлекува најмногу во освојувањето на врвовите?

Георгиески: Да, искачувањето планини се моја голема страст и пасија. Ретко кој планинар може да одговори на прашањето зошто тоа го прави. Кога ќе се искачиш на планина, особено ако е многу висока, слободата и чувството на исполнетост и успех е неизмерно и неописливо со зборови, а личната сатифакција е многу голема.

Супер радио: Кога последно сте биле на театар? И пред крај, која песна би сакале да ја слушнеме во Radio Corner?

Георгиески: За жал во последно време имам се помалку време за тоа, но љубител сум и го сакам театарот. Во градов немаме многу вакви настани и треба да се заложиме за побогат културен живот во Охрид. Инаку последна претстава што сум ја гледал е во Охридскиот народен театар, претставата „Кој го украде пиштолот“. Би сакал пред крај да ги поздравиме слушателите со „Shalloow“ на Lady Gaga и Bradley Cooper.

Супер радио и OhridPress неодамна започнаа со поблиско претставување на кандидатите за градоначалник на Охрид. Сакавме да ги доловиме малите човечки моменти, животни патеки, образование, лични приказни, од каде доаѓаат и каде сакаат да се движат, заедно со градот во иднина.

Прв гостин беше Џемал Мена, потоа се запознавме и со Стевче Стевоски од партијата Демократи, вчера гостин ни беше д-р Митре Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ, а завршуваме денес со д-р Константин Георгиески, кој е кандидат на СДСМ за градоначалник на Охрид.

Интервјуата се емитуваа во терминот од 12:30 до 13:00 часот, во аудио и видео форма од новиот хотел Sky Corner, од каде кандидатите имаа прекрасен поглед кон Охрид, градот за кој се „борат“.

Eмисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење