Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

МОН: Се следи состојбата и се преземаат активности за превенција на нови случаи на повредени деца од опасните интернет игри

Скопје, 17. април 2019 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за образование и наука ја следи состојбата и во координација со другите институции презема соодветни активности за утврдување на причините за појавата на случајот во една од општините, како и превенција од евентуална појава на нови случаи преку мултисекторски пристап.

Реакцијата е по последните информации поврзани со учеството на ученици во игри објавени на глобалната интернет мрежа, кои се окарактеризирани како ризични по нивното здравје и здравјето на луѓето во нивната околина.

– Основните и средните училишта во земјата добија насоки за понатамошната работа на педагошко-психолошките служби, наставниците, како и за вклучување на родителите и децата во активностите. Информираме дека до училиштата е доставен указ со кој тие се задолжени да го подигнат степенот на внимателност и интеракција со учениците, вклучувајќи и внимателност околу спроведувањето на комуникациите преку интернет, а воедно и зголемена индивидуална комуникација со учениците. Дадена е насока преку групни работилници на оваа тема спроведени од страна на стручната служба во училиштето учениците детално да се информираат за можните ризици од учеството во ваков тип на игри, а воедно и да се интензивира и комуникацијата со семејствата на учениците преку организирање на состаноци и родителски средби, со цел навремено превенирање доколку кај одредени поединци или групи биде забележано однесување кое отстапува од вообичаеното и упатува на индиции за преземање несакани дејствија од страна на учениците кон самите нив, кон нивните соученици, наставници или други вработени во училиштето. При тоа, доколку биде забележано невообичаено однесување, иницирано од споменатите видео игри и слични интернет содржини, покрај првичната превенција од страна на училишните служби и задолжително воспоставување комуникација со семејството, училиштата имаат обврска и задолжително да ги информираат надлежните институции на системот. Истовремено, апелираме и до семејствата, односно родителите и старателите на учениците да бидат претпазливи и да посветат внимание на содржините до кои пристапуваат нивните деца на глобалната интернет мрежа за времето додека се дома, информираат од Министерството за образование и наука. (Крај)

извор: МОН фото: архива