Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Лазарева сабота, ден пред Цветници

Охрид, 20. април 2019 (ОХРИДПРЕС) – Саботата пред Цветници се вика Лазарева сабота. На овој ден Исус Христос го воскреснал верникот Лазар од Витанија.

На овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар, во она време извршено од Богочовекот Исус Христос.

Како што сведочи Светото Евангелие, овој настан бил многу непосредно (или шест дена) пред предавството и убиството на Исус Христос на Голгота. Толкувачите гледаат во него предобраз и своевидна духовна подготовка на тогашните сведоци за претстојното Христово воскресение. Во секој случај, своевремено Лазаровото воскресение беше доживеано како најсилен доказ за Божественоста на Господ Христос пред тогашните Јудејци и постана камен на сопнување за мнозина. Но оттогаш мнозина и поверуваа во Него како во Спасител. Некои богослови особено ја растолкуваа човечката и Божествената природа Христова кај Лазаровото воскресение, велејќи дека Господ плачеше пред гробот на Лазар заради Својата човечка љубов кон него како мил пријател, а го воскресна со Својата Божествена сила како Бог.

Со празникот се поврзани голем број на обичаи и верувања, од кои најпознат е обичајот „лазарки“. Кај народот се верува дека нивното пеење носи радост, среќа и благодат во куќата што ќе ја посетат. Лазарките го најавувале доаѓањето на пролетта и Велигден. Во христијанството овој празник ја означува победата на животот над смртта.

Со Лазарева сабота се поврзани повеќе обичаи и песни познати како лазарски. Ги изведуваат девојки во групи одејќи по куќите и низ населените места и пресретнувајќи ги луѓето. Лазарките му пеат посебна песна на секој човек зависно од неговата возраст и општествената положба и за тоа добиваат дарови, најчесто пари.

Во овие песни се велича личноста, се посакуваат напредок на семејството, здравје и среќен живот на поединецот.

Именден празнуваат: Лазар, Лазарка, Лазо. (Крај)

извор: МПЦ-ОА фото: архива