Избор Празници ТОП ВЕСТИ

Дарувајте ги лазарките на Лазарева сабота

Охрид, 20. април 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во Македонија празникот Лазарева сабота има големо значење и масовно се прославува низ целата земја.

Во Охридско се задржани голем дел од старите адети за одбележување на овој ден. Од раните утрински часови групи девојчиња облечени во традиционална невестинска облека од народната носија, одат низ населените места и пејат лазарски песни. Има повеќе лазарски песни и се користат според личниот, семејниот или општествениот статус на лицето за кое е наменета песната. Песните обично се со оптимистична и духовита содржина и посакуваат здравје, успех и напредок.

Девојките во групи, одејќи по куќите и низ населените места и пресретнувајќи ги луѓето, му пејат посебна песна на секој човек зависно од неговата возраст и за тоа добиваат дарови, најчесто пари. Во овие песни се велича личноста, се посакува напредок на семејството, здравје и среќен живот на поединецот. Овој обичај се нарекува Лазарување. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива