Избор Локални избори 2019 Македонија ТОП ВЕСТИ

Кирацовски: Имавме скандинавски избори

Скопје, 21. април 2019 (ОХРИДПРЕС) – Имавме кристално чист прв изборен круг, имавме скандинавски избори. Им честитаме на сите граѓани. Ова е оценката на Александар Кирацовски, шеф на изборниот штаб на кандидатот за претседател Стево Пендаровски.

На првата прес конференција по затворањето на гласачките места тој потенцира дека изборниот ден помина во исклучително мирна и демократска атмосфера.

– Своето гласачко право граѓаните го искористија слободно, на демократски начин, со што покажаа демократска зрелост. Имавме скандинавски избори како што доликува на идна земја членка на НАТО Алијансата и ЕУ. Позитивната фер и демократска атмосфера што беше одлика на кампањата продолжи и денеска. Институциите овозможија услови изборите да поминат во најдобар ред, што е многу важно за нас како држава, потенцира Кирацовски.

Тој очекува сите учесници во изборниот процес да покажат одговорност и овој ден да финишира во ваква демократска атмосфера, независно од резултатите. Додаде дека очекува победа на кандидатот Стево Пендаровски во првиот круг, а во иста атмосфера да помине и останатиот дел од кампањата и вториот изборен круг кој ќе се одржи на 5-ти мај. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива