ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид Струга ТОП ВЕСТИ

По шести пат ќе се одбележи Денот на реката Дрим

Охрид/Струга, 1. мај 2019 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од проектот „Дрим без пластика“, годинава по шести пат во регионот ќе се одбележи Денот на реката Дрим.

Проектот ги опфаќа реката Сатеска, Глобочичко Езеро и Дебарско Езеро, кои сите заедно се дел од Дримскиот басен.

– Централниот настан ќе се одржи во петок, на трети мај 2019 година во Центарот за култура во Дебар. Во рамките на овој проект има повеќе активности. Истражување, кое ќе го вршат волонтери од изворот на реката Сатеска до вливот во Охридското Езеро, реката Црни Дрим, Глобочичко Езеро, Дебарско Езеро. Целокупното истражување ќе биде снимено и документирано, а ќе биде изготвен и документарен филм „Како ќе изгледа реката Дрим без пластика“. Предвидена е и средба со учениците од основното училиште од општина Дебарца ќе биде од едукативен карактер и ќе се одвива на локацијата на изворот на реката Сатеска, каде учениците ќе се запознаат со реката. Учениците ќе го посетат мостот на реката Сатеска кај селото Волино, која област претставува грда слика, место каде има големи количини на пластичен отпад. Учениците ќе бидат брендирани со маички и ќе им биде поделен рекламен материјал. Дел од активностите ќе биде и Еколошката акција „Да го исчистиме Дебарското Езеро од пластичен отпад“, на повеќе локации околу езерото. Дел од еколошката акција ќе учествуваат волонтери и ученици од Дебар кои ќе бидат брендирани со маички, ќе бидат поделени ќеси за отпад, ракавици. Целиот собран отпад во соработка со Комуналното претпријатие од Дебар ќе биде однесено во депонијата на градот. По еколошката акција, ќе се одржи музички еко-хепенинг, информираат организаторите од Регионалниот Зелен Центар од Охрид, во партнерство со Центарот за одржлив развој на заедницата од Дебар. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива