Економија Избор од Уредникот Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Асим: Бројот на холандски туристи во Охрид ќе порасне за 10-12%, сé повеќе млади холанѓани одлучуваат да нé посетат

Охрид, 10. мај 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од изминатиот викенд на охридската ривиера веќе започнаа да пристигнуваат и првите чартер летови со туристи од Холандија. Туроператорот Ohrid Holidays е организатор на тури и е партнер со холандски TUI веќе шеста година.

Радува фактот што од година во година се забелажува раст во бројот на туристи, но и разноликост во возрасната структура. Во оваа 2019 очкуваат раст од 10-12%. За очекувањата, потешкотиите со кои се соочуваат, барањата за измена на Правилникот за субвенционирање на странски гости, како и за новитетот што го воведоа, еколошки кеси за ланч пакети поразговаравме со менаџерот на Ohrid Holidays, Челик Асим.

Супер радио: Почетокот на мај е период кога на охридско-струшката ривиера доаѓаат холандските туристи. Ваш партнер е TUI. Какви се плановите за годинава, каква е состојбата, колкава е бројката на туристите кои ќе дојдат, кои се Вашите очекувања?

Асим: Да, ние сме партнери на TUI, нивни претставници за Македонија, соработуваме од 2013 година имаме плодна соработка. Можам да кажам дека секоја година обемот на турсти кои доаѓаат од Холандија во Македонија со TUI се зголемува и тоа нешто што не радува. Секоја година оперативната сезона започнува на почетокот на мај, така е и оваа година, првиот лет беше на 5-ти мај и продолжуваме се до 5-ти октомври, што значи околу пет и пол месеци оперативна активна работа со доаѓање на туристи. Оваа година на почетокот ќе имаме 4 авиони неделно кои ќе оперираат од Амстердам и Ајндховен до охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, додека во јули и август, односно во т.н висока сезона, во екот на летото, ќе имаме 7 летови кои ќе слетуваат на охридскиот аеродром од овие две дестинации, што значи видно покачување од минатата година. Како споредба, лани имавме 6, годинава 7, но се очекува околу 10-12% пораст во споредба со минатата година.

Супер радио: Дали сте наишле на некои проблеми во досегашната работа?

Асим: Нашата професија, туризмот е комплексна, но и многу креативна. Оние што имале можност да работат или работат во некои од сегментите кои што опфаќаат туризам знаат за што зборувам. Во секој случај секоја работа има и свои потешкотии. Секако дека се среќаваме со потешкотии, било да е во инфраструктура или некои други сегменти. Во секој случај работата со луѓе е комплексна, не секогаш можеш да ги задоволиш барањата на сите, но ние се водиме со агендата клиентот е секогаш крал, тој е во право, нашата цел е гостите да бидат среќни. Тоа се трудиме да го оствариме, морам да бидам искрен дека не секогаш сме успешни, меѓутоа тоа е нашата цел.

Супер радио: Каква е соработката со централната и локалната власт?

Асим: Нашето општество е турбулентно, се менуваат ситуации и власти. Морам да напоменам дека сме имале и имаме коректна соработка и со претходните градоначалници. Колку што можат излегуваат во пресрет, за сите оние работи кои се поврзани, поддршка од нив имаме. Досега биле коректни, се надополнуваме и се стремиме секогаш таа соработка да биде поуспешна, поконструктивна и понапредна, да има прогрес. Мислам дека ќе продолжиме во тој дух.

Супер радио: Како туроператори добивате субвенции, моментално висината е 65 евра по донесен патник. Имавте забелешки по ова прашање дека сумата не е реална. Како туоператори побаравте и законски и измени на Правилникот за субвенционирање. Ваш став?

Асим: Ние конкретно, TUI или Ohrid Holidays се занимаваме само со incoming туризам, носиме странски гости во државава, сеуште немаме аранжмани за outgoing, како што работат некои од нашите колеги. Тоа значи дека државата плаќа субвенции за странските но и за домашните туроператори, како што стои во законикот, оние што ќе донесат гости во организиран туристички промет, било тоа да е авионски или автобуски. Сега тука ние имаме и средби со директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, со Агенцијата во Струга, со ХОТАМ и со сите оние кои се засегнати во врска со овој случај. Субвенционирањето сеуште постои, меѓутоа најавени се измени. Ние како туристички агенции побаравме измена на законикот затоа што се соочуваме со потешкотии. Станува збор за исплатата на субвенциите затоа што во законикот којшто е во моментов нема некои видни измени во Правилникот за субвенционирање, меѓутоа донесена е некоја мала измена каде што стои дека приватните сместувачки капацитети, кои комерцијално се викаат вили немаат право да служат доручек на гостите, а со тоа го губат правото и на субвенција, затоа што според Правилникот туристот треба да оствари минимум три ноќевања во нашата држава, да се служи доручек и сместувачкиот капацитет да има категоризација издадена од општина Охрид или од министерство за економија. Во овој случај приватните вили се соочуваат со проблем. Тоа многу лесно ќе се надмине со измената на законот, каде државата или министерството за економија ќе ја изменат сумата на субвенционирање. Во моментов се исплаќаат 65 евра по човек, но мислам дека тоа не е реално, треба да има некои измени. Ние не сме компетентни да кажеме за тоа, има комисија која тоа ќе го одреди и мислам дека оние гости кои ќе престојуваат во хотел со 4 ѕвезди, во хотели со полуксузен престој да имаат повисока исплата на субвенции додека пак другите гости кои ќе престојуваат во приватни вили да имаат пониска сума. Така мислам дека би се усогласиле и би било далеку пореално отколку сега. Измените во Правилникот би требало да се случат час поскоро, затоа што ние се соочуваме со проблеми. Имаше и некои гласини дека не се исплаќаат субвенции, морам да кажам дека тоа не е точно, субвенции се исплаќаат на оние субјекти за кои тоа е одобрено. Тука има и друго прашање, некои субвенции не се одобрени, бидејќи има некои законски регулативи кои не се совпаѓаат со праксата на туризмот. Има технички проблем кој треба да се усогласи. За оние субвенции кои се одобрени, тековно се исплаќаат, тоа мора да се потврди. Периодов кај нас со оглед на тоа што имавме избори немаше можност да се исплаќаат, но тоа сега е завршено и државата ќе продолжи со исплата.

Супер радио: Како туроператор од годинава, од оваа сезона, воведовте и новитет, хартиени кеси за ланч пакети. Збор два повеќе за оваа новина.

Асим: Ние веќе неколку години како партнери на TUI организираме еднодневни екскурзии за нашите гости, така им го пополнуваме времето. Ние продаваме аранжмани за leisure туризам но Охрид нема таков капацитет, Охрид е дестинација која луѓето ја посетуваат поради природните убавини, културата и историјата и на крај можеби заради тој плажарски туризам. Локалните екскурзии го опфаќаат регионот на Охрид, најдалеку до главниот град. Имаме секојдневни екскурзии до Свети Наум, Националните паркови Галичица и Маврово, Битола, некои од локалните села и други. На некои од нашите екскурзии имаме организирано ланч пакети, за оние места каде нема услови да се руча во ресторан. Изминативе години ги подготвувавме во најлонски кеси и во кутии, кои не се во склад со нашите правила за заштита на средината. Ние се среќаваме со холандски гости, знаеме каква е нивната свест околу ова прашање, ние сме сеуште зад нив во однос на свеста за заштита на животната средина и околината, меѓутоа ова е еден мал чекор. Дојдовме до идеја да ги направиме овие хартиени ќеси кои ги изработија од фирмата „Кесанова“ од Скопје. Сопственикот е швеѓанец, оженет со албанка тука во Македонија и почнал да го шири овој бизнис. Ова е мал чекор, но одиме напред за да се зголеми свеста за заштита на околината. Позната е приказната дека холанѓаните доаѓаат тука и многу уживаат во атракцијата јавање на магариња во околните села. Ние сме први овде, можеби звучи чудно, но TUI тоа го забранува, немаме право да организираме такви тури бидејќи со тоа ги вознемируваме и не ги штитиме животните, во случајот магарињата. Пред неколку години нашата агенција со неколку други организации од Охрид организиравме чистење на градот и помина многу добро. Се стремиме секоја година да правиме нешто ново. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес