Избор Струга

Јанкоски: Сите институции во Вевчани се подготвени за најавеното невреме

Вевчани, 12. мај 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во врска со очекуваните обилни врнежи од дожд и евентуално невреме во периодот од 12-ти до 17-ти овој месец, општина Вевчани го стави во подготвеност комуналното претпријатие „Еремија“ – Вевчани.

– Подготвени се и сите институции кои се под капа на општината, како и Здравствениот дом „Д-р Светозар Чочоровски“ од Вевчани. Континурано ќе се следат состојбите на терен, со акцент на местата каде се јавуваат опсности од клизишта и поплавување. Се апелира на жителите на Вевчани да внимаваат каде ќе ги паркираат своите возила се со цел улиците да бидат проодни при интервенци, апелира првиот човек на општина Вевчани Сашо Јанкоски.

No photo description available.

Со посебно предупредување денес излегоа и од Центарот за управување со кризи (ЦУК), по најавите за обилни врнежи и невреме во делови од државата.

– Од УХМР известуваат дека под влијание на серија влажни бранови попладне и во наредните денови времето ќе биде претежно облачно и нестабилно, на повеќе места со обилни врнежи од дожд (над 50 л/м2, а во крајните западни и југоисточни делови и над 70 л/м2 за целиот период). Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со грмежи, засилен ветер и појава на град, информираат од ЦУК.

Додаваат дека за ваквите временски услови ги известиле единиците за локална самоуправа (ЕЛС), со цел да се стават на располагање расположливите ресурси и да се преземат превентивни мерки за да се спречи евентуално излевање на реките и акумулациите.

– Во случај на ризик или опасност предизвикани од временските услови, граѓаните да пријават на бесплатниот телефонски број 195, во Центарот за управување со кризи, потенцираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). (Крај)

извор: ОхридПрес/ЦУК фото: архива