Избор Избор од Уредникот Охрид ТОП ВЕСТИ

ЦУК Охрид: Состојбата со водотеците е под контрола, нема пријави за поплави

Охрид, 14. мај 2019 (ОХРИДПРЕС) – Состојбата со водотеците во Охрид и регионот е стабилна, информираат од Центарот за управување со кризи.

Раководителот на ЦУК Охрид, Митко Темелковски за Супер радио и OhridPress вели дека засега проблеми нема и дека ситуацијата е стабилна.

– Засега нема проблеми, тековно ја следиме состојбата. Немаме пријави ни од граѓани, ни од правни субјекти за евентуални поплави или други штети. И состојбата со водотеците е стабилна. Охрид беше меѓу градовите каде изминатото деноноќие наврна најмногу дожд, 23 л/м². Секако ја следиме временската состојба и натаму сме подготвени соодветно да одговориме доколку дојде до одредени несакани ситуации, вели Темелковски.

Тој упати апел граѓаните да преземат мерки за самозаштита, а во случај на ризик или опасност предизвикани од временските услови на располагање им стои бесплатниот телефонски број 195, во Центарот за управување со кризи.

Согласно актуелната временска состојба општинта го активира и ризниот штаб, преземени се соодветни подготвителни мерки за брзо и навремено интервенирање при евентуални несакани штети. Променливото и нестабилно време ќе се задржи до петок. За викендот времето ќе биде сончево и потопло.

Се очекува интензивните врнежи од дожд што го зафатија Охрид и Македонија да ја подобрат хидролошката состојба на езерата и реките. Според денешните мерења на УХМР нивото на Охридското езеро се наоѓа на 693,39 метри надморска височина што е за 22 сантиметри над нултата кота, но и за 27 сантиметри пониско од просекот за овој месец. Што се однесува до реките Сатеска и Црн Дрим и натаму нивните нивоа се значително пониски од просечното ниво за месец мај. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива