Избор Култура На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ

Бачиќ: Претставата „Перфектни странци“ ќе не потсети да се сакаме онакви какви што сме

Охрид, 14. мај 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охридските гимназијалци два месеци вредно работеа на претставата „Перфектни странци“, која во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид премиерно ќе се прикаже во среда на 16-ти мај, а поради големиот интерес и репризно ден потоа, во четвтрток.

Претставата е современа драма со траги-комични елементи, а ќе не потсети да се сакаме и да ги сакаме останатите онакви какви навистина се.

– Сите ние сакаме да сме прифатени од околината, меѓутоа се плашиме да се покажеме онакви какви што навистина сме. Заради тоа создаваме едни свои светови, каде што се презентираме онакви какви што сакаме да бидеме. За жал кога сето тоа ќе се „отвори“, стакленото ѕвоно ќе се тргне, останува таа пост-вистина, односно сурова реалност, која не е она што сме си го замислиле. Луѓето треба да се потрудат да се прифатат и да ги прифатат останатите онакви какви што навистина се, рече професорката по македонски јазик Ирена Бачиќ, која ја води драмската секција во гимназијата и заедно со гимназијалците Владимир Тодороски и Викторија Алексиоска, беа гости во емисијата Radio Corner на Супер радио.

Супер радио: Чие е сценариото за претставата „Перфектни странци“ и зошто се одлучивте за него?

Бачиќ: Оригиналното сценарио е на Паоло Џеновезе. Ми се допадна тематиката, бидејќи летово го гледав истоимениот италијански филм, а два дена потоа, на репертоарот на „Охридско лето“ во изведба на Драмскиот театар од Скопје се прикажа и претставата „Странци“. Несомнено содржината има добра порака, реалност во која сите ние, за жал сакале или не, повеќе или помалку сме вклучени директно или индиректно и мислам дека преку оваа претстава сите ќе се запрашаме до каде сето ова не води.

Супер радио: Каква тема обработува и каква е претставата жанровски?

Бачиќ: Претставата е современа драма со доста траги-комични елементи. Станува збор за група пријатели кои претпоставуваат или си веруваат дека потполно се познаваат, но ќе дојдат во ситуација кога несакајќи да признаат дека секој си има една посинаква вистина и реалност, ќе бидат изнудени да играат една игра, во која за време на вечерата сите телефонски повици и пораки ќе треба да ги споделат со сите на масата. Така полека излегуваат на површина сите тајни кои ги имаат потиснато длабоко во себе.

Image may contain: 3 people, people sitting, people eating, table and indoor

Супер радио: Вие сте професор по македонски јазик и летература во охридската гимназија и секојдневно го набљудувате однесувањето на младите. Колку навистина охридските гимназијалци се „зависни“ и „опседнати“ со своето претставубање на социјалните мрежи, воопшто со мобилните телефони и модерната технологија?

Бачиќ: Не само младите, туку и возрасните исто така се опфатени со таа „зависност“ кон технологијата. Јас сум мајка на тинејџерка, која го исто така го има истиот проблем и постојано онаа релација немој, не смееш, зошто, колку, до кога – е една тажна реалност која мислам дека 90% од младите ја проживуваат. Ние сакаме да им укажеме на тоа што треба, а што не треба, иако и самите често пати ги правиме истите грешки.

Супер радио: Колку ученици се вклучени во претставата и кој лик го играш?

Тодороски: Јас го играм ликот на Пепе, еден од трагичните ликови во претставата кој е затворен, нема доверба проблемите кои ги носи во себе да ги сподели со пријателите. Околу 15-тина ученици сме вклучени организацијата на настанот, од кои на сцена како актери сме 8.

Image may contain: 2 people, people sitting

Супер радио: Кои се главните улоги во претставата и колку време Ви беше потребно за сите подготовки и проби?

Алексиоска: Започнавме кога професорката Бачиќ ја направи аудицијата, за која имаше многу голем интерес. Откако не селектираше, ни беа потребни околу два месеци за да ги направиме сите подготовки и проби. Работевме секој втор ден, а сега проби имаме секој ден. Јас ја глумам Ева, таа е психијатар и ја предлага идејата да се се игра играта, која е фокус на дејствието во претставата. Карактерно не се пронајдов во ликот, таа е малку дрска, безобразна, поставена над сите, но со тек на време успеав добро да навлезам во улогата. Интересно за оваа драма е што не може да се рече дека има главни ликови, зошто сите на масата носиме подеднакво значајни улоги.

Image may contain: 4 people, people smiling, people sitting and indoor

Супер радио: Со „Перфектни странци“ ќе се претставите и филмски фестивал во Кочани. За каков фестивал станува збор и кога се орджува?

Алексиоска: Станува збор за меѓународен филмски фестивал кој во Кочани се одржува од 2-ри до 7-ми јуни. Апликацијата ја направи професорката Бачиќ, ним им се допаднаа материјалите кои ги испративме во вид на снимки од пробите и не примија во конкуренција.

Супер радио: Која е пораката која ја носи претставата и каде можат да се купат влезниците?

Бачиќ: Сите ние сакаме да сме прифатени од околината, меѓутоа се плашиме да се покажеме онакви какви што навистина сме. Заради тоа создаваме едни свои светови каде што се презентираме онакви какви што сакаме да бидеме. За жал кога сето тоа ќе се „отвори“, стакленото ѕвоно ќе се тргне, останува таа пост-вистина, односно сурова реалност, која не е она што сме си го замислиле. Пораката е дека луѓето треба да се потрудат да се прифатат и да ги прифатат останатите онакви какви што навистина се. Влезниците за премиерата се веќе распорадени, а за репризата има уште малку. Може да се резервираат телефонски на 075/453-434.

Eмисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес