Здравје Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Конгрес за деменции на Светската психијатриска асоцијација во Охрид

Охрид, 15. мај 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охрид од денес до 18-ти мај ќе биде домаќин на врвни експерти и имиња во психијатријата, кои доаѓаат на Конгресот за деменции на Светската психијатриска Асоцијација.

Хелен Херен, претседател на Светската невролошка асоцијација, во воведното обраќање пред учесниците на Симпозиумот истакна дека до 2050 година за околу 250 проценти ќе се зголеми процентот на старо население, односно дека во светот ќе има држави и области каде бројот стари лица ќе биде процентуално поголем отколку на бројот на децата.

– Главното прашање на кое треба да се обрне внимание кога станува збор за менталното здравје на популацијата конкретно деменцијата е да се поттикне свеста во општеството за растечкиот проблем. Примарна е соработката меѓу практичарите, истражувачите односно лекарите и самите влади во земјите да ги разберат проблемите што ги носи заболувањето, од превенцијата на болеста, подобрување на квалитетот на живот на болните, како да се поддржат семејствата и оние што се грижат за нив, истакна Херен.

Таа рече дека собирите како овој во Охрид е во корелација со светските акциски планови и стратегијата на СЗО за глобален одговор на президвикот.

– Мошне е важна поддршката за семејствата каде има заболени од деменција. Како одминува времето и болеста зема поголем замав, се потешко е за најблиските да водат соодветна грижа, многумина од нив и не знаат како да се однесуваат во сложени семејни прилики предизвикано од болеста, рече Херен.

Конгресот е во ко-организација на Светската психијатриска Асоцијација и Македонската психијатриска асоцијација. Претседател на Конгресот е проф. Хелен Херман од Австралија, Претседател на Светската асоцијација, а на Конгресот ќе учествува и свој состанок ќе има и целиот Извршен одбор на Светската психијатриска асоцијација кои првпат ќе бидат присутни во ваков состав во целиот Регион. Конгрес од ваков светски формат, од областа на психијатријата и неврологијата првпат се одржува, не само во Македонија, туку и во поширокиот регион. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива