Забава Избор од Уредникот Македонија ТОП ВЕСТИ

Вечерва сите за Тамара – Со „Proud“ не претставува на Евровизија

Скопје, 16. мај 2019 (ОХРИДПРЕС) – Македонската пејачка Тамара Тодевска со песната „Proud“ вечерва ќе не претставува на 64. издание на изборот за песна на Евровизија, што се одржува во Тел Авив, Израел.

За Тамара ова е четврти пат како учествува на Евровизија, а првпат е како солист. Придружни вокали ќе ѝ бидат Александра Јанева, Антонија Гиговска и Васил Гарванлиев.

Автори на песната се Роберт Билбилов, Лазар Цветковски и Дарко Димитров, а текстот е на Коста Петров и Сања Поповска. Спотот е во режија на Чедо Поповски.

На првата полуфинална вечер на Евросонг, што се одржа завчера настапија изведувачи од 17 земји од кои 10 од Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија, обезбедија настап во финалето, што ќе се одржи в сабота, на 18-ти мај.

– „Горда“ („Proud“) им ја посветувам на мојата ќерка и на сите што насекаде се борат за своите соништа, верувајќи во нивната величина. На 16-ти мај, ќе ги прекршиме правилата и барем една ноќ во годината, ќе му покажеме на светот дека „Јас сум горда!“ е секогаш посилно од „Никогаш нема да бидеш доволно добра, вели Тамара.

И во втората полуфинална вечер десет земји ќе обезбедат пласман во финалето.

На Евросонг учествуваат 41 земја, а покрај домаќинот Израел, пет земји (Франција, Италија, Германија, Шпанија и Обединетото Кралство) имаат директен пласман во финалето

МРТ ја избра Тамара како претставник, откако таа веќе еднаш нѐ претставуваше на Евровизија во 2008 година, тогаш заедно со Врчак и Адријан Гаџа. Како придружен вокал беше во 2004 година со Тоше Проески и во 2014 година со нејзината сестра Тијана Дапчевиќ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење