Забава Избор На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ

Каралиевски и Китрозоски: Фестивалот „Распеано рибарче“ има концепт и е популарен кај охриѓани

Охрид, 16. мај 2019 (ОХРИДПРЕС) – По 21-ви пат деновиве во Охрид се одржа детскиот фестивал „Распеано рибарче“. На сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ беа изведени 18 нови детски песнички, а салата беше полна дури пет пати.

Покрај изведувачите на сцената имаше и на 40-на деца како балетски групи и хор. Заедно со тимот на композитори, текстописци и аранжери бројката на луѓе кои беа вкличени на ова издание е близу 100. Бројката од 21 година постоење не е ни малку наивна, освен „Златно славејче“ нема друг детски фестивал кој опстојува толку години во континуитет. „Распеано рибарче“ има концепт и е популарен кај охриѓани, рече на денешното гостување во емисијата „Диши длабоко“ на Супер радио композиторот и продуцент Јовица Каралиевски, кој е дел од фестивалската екипа.

– Минатата година напишав еден статус на Facebook „I feel like Rolling Stones“. Ние со „Распеано рибарче“ веќе почнавме да се чувствуваме така. Секоја година интересот за фестивалот е голем, 5-6 пати ја полниме салата во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид и кога станува збор за оваа традиција, низ годините се родија многу фестивали во земјава, но никој не успеа да ја одржи таа линија на континуитет. Ние сме можеби единствини кои во континуитет од 1998 година успеваме да го одржиме овој фестивал во еден град како Охрид, да е во Скопје можеби би било полесно. Имало години кога било тешко, но сме успевале да го реализираме. Еден од основачите или главен „виновник“ за негово одржување е за жал прерано починатиот Кољчо Петкуќески, кој беше еден од ентузијастите во градов за повеќе вакви културни манифестации и тој беше прв човек на фестивалот, негова беше идејата. Дел од тимот во кој сме јас, Димче Китрозоски, Методија Баракоски, Бети Здравеска, Мери Димзова, Милчо Јованоски и Зоран Левески сме екипата која, секој во свој дел, ги извршува задачите за се да функционира беспрекорно, потенцира Каралиевски.

Една од најважните работи, детската насмевка, задоволството, убаво поминатото време на фестивалот, настапот, но и останатото време поминато во дружба со останатите изведувачи, тоа е нешто што ни дава енергија да продолжиме напред, вели продуцентот и композитор Димче Китрозоски.

– Задоволен сум, впрочем како и секоја година, од секое фестивалско издание. „Рибарчето“ како по навика успешно се завршува, има успешна приказна. Детската музика беше многу популарна до крај на 90-те. Но, кога ќе ги чуеме децата по маалите или во нивното дружење како пеат песнички од „Распеано рибарче“ тоа ни покажува дека не е залуден трудот што се прави за негова организација. Што се однесува до трендот песни да се пејат и на англиски јазик, имаме барања, но гледаме да ги убедуваме сепак да пејат на македонски. Во одредени ситуации правиме компромис рефренот да биде на англиски, а останатиот дел на македонски јазик, подвлече Китрозоски.

Како и досега и од ова 21-во издание на детскиот фестивал „Распеано рибарче“ ќе бидат издадени CD и DVD изданија.

По успешното издание годинава и Каралиевски и Китрозоски велат дека веќе старуваат подготовките за следното фестивалско издание. Најавија дека во месец септември ќе биде отворен и конкурсот за пријавување на нови изведувачи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење