Избор од Уредникот Охрид ТОП ВЕСТИ

Васил Јанкула, херојот кој порачува „Сите сме исти“ пристигна во Охрид (Фото)

Охрид, 16. мај 2019 (ОХРИДПРЕС) – Младиот херој, ресенчанецот Васил Јанкула, момчето со церебрална парализа, по седум дена возење трицикл низ Македонија, попладнево пристигна во Охрид.

Со пораката „Сите сме исти“ на неговиот трицикл, тој околу 17:00 часот пристигна на Градскиот плоштад во Охрид, откако претходно беше пречекан од стотина ученици во ОУ „Братство единство“, во населбата Лескајца во Охрид, кои со громогласен аплауз по поздравија Васил и му честитаа на неговиот подвиг.

Image may contain: 6 people, people smiling, people standing, outdoor and closeup

Поворката, во придружба на охридски спортисти и екологисти, предводени од радио водителиот на Супер радио и вљубеник во природата Жанко ЗШ Голабоски подоцна тргнаа кон Градскиот плоштад, каде исто така беа пречекани од бројни граѓани.

– Сакам да ги мотивирам сите лица да спортуваат. Оние кои имаат некој хендикеп, нека го искористат во позитивна смисла. Без оглед на временските услови, кои беа тешки, јас не се откажав. Сакав да докажам дека „Сите сме исти“ и дека не треба да се гледа на лицата со хендикеп со други очи. Јас сега имам нов, а стариот велосипед им го подарив на Жанко ЗШ Голабоски и „ЗШ авантура“. Станува збор за посебно возило – трицикл, кој е посебно прилагодено за лица со посебни потреби. Тие ќе го подарат на некое лице кое има потреба, изјави Васил.

Од тимот на Васил велат дека малкумина верувале дека тој може да го направи овој подвиг.

Васил Јанкула и неговиот тренер Тони Ангеловски беа сигурни дека ќе успеат, и се осмелија да тргнат на пат од околу 600 километри. Од Ресен, преку Битола, Прилеп, Велес, Скопје, Тетово, Гостивар, Маврово, Дебар, и Струга, денеска ќе пристигнат во Охрид.

Утре Васил преку Галичица ќе го затвори кругот околу земјата и ќе пристигне во Ресен. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење