Избор Избор од Уредникот Охрид ТОП ВЕСТИ

УНЕСКО предложи Охрид да се стави на Листата на загрозено светско наследство

Охрид, 21. мај 2019 (ОХРИДПРЕС) – Поради недоволниот напредок до решавањето на проблемите и земајќи ги предвид постојаните закани и големите инфраструктурни и развојни проекти, кои што претставуваат потенцијална опасност, УНЕСКО во најновиот извештај препорачува да го стави Природното и културното наследство на Охридскиот регион на Листата на загрозено светско наследство.

Во извештајот, кој треба да биде разгледана на конференцијата на Комитетот за светско наследство во Баку од 30 јуни до 10 јули, УНЕСКО повторно бара од државата:

  • Да воспостави мораториум на какви било урбани трансформации на брегот сè додека не се финализираат и усвојат ефективни законски решенија за заштита и механизми за нивно спроведување.
  • Да се направи проценка на нелегалните градби и да се утврди нивното влијание на заштитеното подрачје и потоа да се срушат сите кои претставуваат опасност за подрачјето. Строго да се спроведуваат законите правилниците да се спречат понатамошни дивоградби.
  • Да се финализира планот за управување со цел да се заштити и одржи заштитеното подрачје и да се предаде предлогот на Комитетот за светско наследство пред да биде усвоен.
  • Да се имплементираат сите претходни барања на Комитетот за светско наследство и препораките на мисијата од 2017 година.
  • Се бара од државата, во консултација со Комитетот за светско наследство, да направи предлог за посакуваната состојба на Конзервација за отстранување на подрачјето од Листата на загрозено светско наследство и сет на корективни мерки, вклучувајќи временска рамка за нивна имплементација и таа да биде разгледана на конференцијата на Комитетот за светско наследство во 2020 година.
  • Се бара од државата до 1 февруари 2020 да достави до Комитетот за светско наследство дополнет извештај за конзервација на подрачјето за да биде прегледан од Комитетот на конференцијата во 2020 година.

УНЕСКО во извештајот со жалење констатира дека малку е направено за имплементација приоритетните препораки на мисијата на УНЕСКО од 2017 година.Тие го поздравуваат запирањето на патот преку Галичица и ски центар на планината, но сметаат дека тоа не е доволно за значително да се намали ранливоста на подрачјето.

Со жалење забележуваат дека државата не го информира редовно Комитетот за светско наследство за проектите и активностите што се предвидуваат и реализираат во заштитеното подрачје и дека со голема загриженост ја следат најавата за продолжување на оригиналната траса на железничкиот коридор 8, и покрај барањето на Комитетот за алтернативно решение надвор од заштитените подрачја. Исто така, УНЕСКО е загрижен за делот од автопатот од Требеништа до Струга и бара од државата итно да пронајде друго решение за проектот.

УНЕСКО забележува дека подрачјето останува погодено до несоодветна градба со несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот.

Во јуни минатата година во Охрид се одржа министерска средба – „Спроведување на акции/мерки според одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО“, на која беше јасно потенцирано дека последниве години УНЕСКО бележи пораст на бројот на фактори кои негативно влијаат на заштитените подрачја.

Постојат проблеми, но не се нерешливи, потенцира Синиша Шешум, шеф на Антена канцеларијата при Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа.

– Мораториумот за градба е една од предложените препораки, на кој мора да се работи. Тој ќе даде доволно време на властите адекватно да ги решават проблемите. Не станува збор само за прекумерната урбанизација, зборуваме и за проблеми со просторната планска документација, со планот за управување. Мораториумот ќе даде време работите да дојдат во ред. УНЕСКО секоја година ги заострува критериумите за прием на добра. Она на што се инсистира е кредибилитетот на она што е на листата и она за што се расправа за упис. Притисокот во охридскиот регион не е само од туризмот, туку и од развојот, па круцијално е да се најде баланс со кој ќе се заштитат вредностите поради кој е запишан на листата на УНЕСКО, потенцира Шешум минатата година.

Прекумерната изградба на стамбени и угостителски објекти, често и во заштитени зони, палењето на трската, Студенчишкото блато, плановите за НП „Галичица“ се само мал дел од „сидрата“ кои го влечат Охрид надолу, кон губење на престижниот статус на светско културно наследство. Изминатиот период бевме сведоци на вистинско „дивеење“, особено на струшкиот дел на езерото, но не остана имун ниту делот на Охрид. Ова, во комбинација со неподносливата незаинтересираност на одговорните и замижувањето пред очигледните проблеми, направија во македонската јавност сериозно да се разниша довербата во институциите и се` повеќе се доведува во прашање дали постои реална желба за решавање на проблемите или и решавачите се дел од проблемот. (Крај)

извор: СДК/ОхридПрес фото: ОхридПрес

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење