Избор од Уредникот Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Георгиески: Состојбата со минарето на Али Пашината џамија е многу замрсена и мора да се реши на повисоко ниво

Скопје/Охрид, 23. мај 2019 (ОХРИДПРЕС) – Состојбата со минарето на Али Пашината џамија е многу замрсена и мора да се реши на повисоко ниво, истакна вечерва на гостувањето во 1Тв градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески.

Тој напомена дека станува збор за објект кој е на земјиште во владение на државата и дека се наоѓа во старо градско јадро каде има ингеренции Државниот градежен инспекторат и Управата за културно наследство.

– Тое е еден случај кој датира од многу наназад и во суштина станува збор за борба меѓу двете големи велесили, кои имаат влијание во Сунитскиот свет. Ова е на многу повисоко ниво од само градба и е договор меѓу две држави. Станува збор за директна инвестиција на странска држава кај нас со потпишан договор меѓу двете земји. Издадена е дозвола за конзервација и реставрација и е изработен проект. Сепак, точно е дека нема градежна дозвола, тоа е точка 6 во тоа конзерваторско одобрение и во деталниот план не е предвидено минарето. Точно е и дека порано имало минаре и дека објектот е на имотен лист на РМ и е објект кој е заштитен како културна знаменитост. Сега имаме ситуација која е многу замрсена и мора да се реши на повисоко ниво, истакна првиот човек на Охрид.

Тој зборуваше и за спорниот хотел во населбата „Лагадин“.

– Предметот е се‘ уште на решавање по жалба на инвеститорот во Второстепена комисија по 6-ти или 7-ми пат. Јас го поништив решението за градба на тој објект во февруари оваа година. Колку што знам, има жалба по тоа решение и не е добиен уште одговорот. Но, и да се потврди решението, тој повторно има право на жалба до суд, па затоа велам дека овој предмет ќе потрае. Мој став е дека на таков објект не му е таму местото. Самото издавање на одобрението за градба не е спорно, но спорна е постапката за отпочнување со градбата. Има уште еден момент кој е интересен, а тоа е како инвеститорот ја прибавил водостопанската согласност да се гради во заштитен појас од 50 метри. Без таква согласност одобрението не може да се издаде, истакна Георгиески.

Во интервјуто тој зборуваше и за начинот на кој ова лето ќе се организира забавниот живот во градот и најавите дека нема да се издвојуваат средства за организирање концерти во шпицот на сезоната. Георгиевски тврди дека тоа била негова идеја, која ја предложил до Советот.

– Јас ја предложив таа иницијатива до Советот и сите политички партии се согласија околу истата. Во ситуација кога градот е полн со туристи во шпицот на сезоната, не ја гледам потребата да се субвенцинираат настани кои не придонесуваат градот да се полни со туристи, затоа што секако во тој период градот е полн. Интенцијата е да се прошири сезоната и отворени сме за работа во таа насока. Имаме проблем со тезгите и поставувањето на урбана опрема на несоодветни места, потоа со сообраќајниот метеж, немањето доволно паркинг места… Веќе на следната седница на Градскиот совет ќе се разговара за менување на паркинг зоните, а неодамна имавме средба со жителите на Стар град за паркирањето во овој дел на градот, напомена охридскиот градоначалник, д-р Константин Георгиески. (Крај)

извор: ОхридПрес/1Тв фото/видео: 1Тв

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење