Избор од Уредникот Охрид ТОП ВЕСТИ

Поставен врвот на минарето на Али Пашината џамија, висината е под најавените 32. метри

Охрид, 25. мај 2019 (ОХРИДПРЕС) – Екипите кои работат на Али Пашината џамија во Охрид деновиве го поставија врвот на минарето.

Со тоа височината на минарето, според слободна проценка, е под 20 метри и е под најавените 32. метри, бројка со која се шпекулираше претходно и околу која се крена голема прашина во јавноста.

Неофицијално, џамијата ќе биде пуштена во употреба за празникот Бајрам, информација која не е потврдена од страна на ИВЗ.

Ова е типичен пример на верска потреба која се јавува кај одредена група граѓани. Само заедно можеме да го решиме тоа. Ќе продолжиме да разговараме. Институциите мора да се почитуваат, изјави неодамна премиерот Зоран Заев во однос на реакциите околу градежните работи на Али Пашината џамија во Охрид.

– Нема никакви ветувања. Ветувањата беа да седнеме и низ разговор да го решиме овој проблем. Охрид е пример на соживот, пример на „Едно општество за сите“ за што денеска говориме преку Нацрт националната стратегија, подвлече премиерот Заев.

Главниот проблем со Али Пашината џамија во Охрид е минарето што требаше да биде високо 32 метри и чија изградба не е дел од конзерваторско-реставратотските работи на објектот.

Од „Совест“ преку мирен протест побараа државата, инстититуциите, градоначалникот и премиерот да ги преземат своите надлежности и законот да важи за сите

Членови на Здружението на граѓани „Совест“, граѓани на Охрид и поддржувачи на нивната иницијатива, пред зградата на општина Охрид, на улицата „Димитар Влахов” во Охрид, одржаа протест со цел стопирање на изградбата на минарето на Али Пашината џамија.

– Целта е да се промени физиономијата и карактерот на градот, а зад ова стојат цели и стратеги кои не се добронамерни и во чија реализација учествуваат, свесно или не институциите на државата. Со жалење констатираме дека ниту Управата за заштита на културното наследство, ни Државната урбанистичка и градежна инспекција, ниту судот не се на ниво на своите надлежности и не покажуваат решеност да стават мораториум на градба, која макар задоцнето е прогласена за нелегална. Констатациите на испекциските служби од управата се само рефлексии од најавата за граѓански бунт и само обид за амнестија за направените пропусти од надлежните во издавање на конзерваторско одобрение. Испративме повеќе дописи до светскиот центар за културно наследство на УНЕСКО во Париз со цел да го исвести за немоќта на македонските државни институции. Добивме повратно известување дека проблемот со зголемен обем на нелегални градежни активности во заштитеното централно градско јадро, како и околу Али Пашината џамија ќе влезе на дневен ред на 43-та сесија на Советот во текот на оваа година, истакнаа вчера од „Совест“.

Георгиески: Состојбата со минарето на Али Пашината џамија е многу замрсена и мора да се реши на повисоко ниво

Состојбата со минарето на Али Пашината џамија е многу замрсена и мора да се реши на повисоко ниво, истакна во четвртокот на гостувањето во 1Тв градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески.

Тој напомена дека станува збор за објект кој е на земјиште во владение на државата и дека се наоѓа во старо градско јадро каде има ингеренции Државниот градежен инспекторат и Управата за културно наследство.

– Тое е еден случај кој датира од многу наназад и во суштина станува збор за борба меѓу двете големи велесили, кои имаат влијание во Сунитскиот свет. Ова е на многу повисоко ниво од само градба и е договор меѓу две држави. Станува збор за директна инвестиција на странска држава кај нас со потпишан договор меѓу двете земји. Издадена е дозвола за конзервација и реставрација и е изработен проект. Сепак, точно е дека нема градежна дозвола, тоа е точка 6 во тоа конзерваторско одобрение и во деталниот план не е предвидено минарето. Точно е и дека порано имало минаре и дека објектот е на имотен лист на РМ и е објект кој е заштитен како културна знаменитост. Сега имаме ситуација која е многу замрсена и мора да се реши на повисоко ниво, истакна првиот човек на Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење