ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид го одбележува Светскиот ден на животната средина

Охрид, 5. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Со повеќе активности Охрид го одбележува 5-ти јуни, Светскиот ден на животната средина.

Општина Охрид во рамките на одбележувањето на 5-ти јуни, Светскиот ден на животната средина, првата недела од месец јуни ја прогласи за „Недела на животната средина“.

Денеска во осноновните и средните училишта се реализира акцијата за собирање на стара хартија. Истата наменски се организира на крајот од школската година за да можат учениците да ги донесат сите непотребни списанија,тетратки и друга хартија во дворот на нивното училиште каде ќе бидат поставени соодветни садови за одлагање на хартијата. Во акцијата ќе се вклучат и вработените во општина Охрид , а ќе можат да учествуваат и сите граѓани и институции , кои исто така својата отпадна хартија можат да ја донесат до за нив најблиското училиште.

Утре и задутре ќе се реализира проектот „Цветни балкони – Цветен Охрид “. Во рамките на овој проект ќе бидат поделени 400 жардиниери со саксиско цвеќе на жителите кои живеат на улиците: „7-ми ноември“, „Бекир Алириза“, „Егејска“, „Охридска бригада“,„Тетовска“, „Абас Емин“ од пресекот со „Туристичка“ до „Железничка“, „Дејан Војвода“, „Крали Марко“, „Стив Наумов“, „Јабланица“ и „Бистрица“. Граѓаните од овие улици кои се заинтересирани за жардиниери со цвеќе истото ќе можат да го подигнат во расадникот на ЈП „Охридски комуналец“ на 6-ти и 7-ми јуни (четврток и петок)  од 09:00 до 13:00 часот, а со себе да носат лични документи за идентификација од кои ќе биде видлива адресата на живеење.

Светскиот ден на животната средина е најзначајниот еколошки настан, кој се слави секоја година на 5-ти  јуни во повеќе од 100 земји ширум светот. Воспоставен е во 1972 година од страна на Генералното Собрание на Обединетите Нации и неговото одбележување и е доделено на Програмата за животна средина на Обединетите Нации (УНЕП). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење