Забава Избор Струга ТОП ВЕСТИ

Младата Викторија Чочороска од Вевчани ја промовираше својата прва песна „Јаворе“

Вевчани, 6. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во Домот на културата во Вевчани, синоќа се одржа промоцијата на првата песна на младата пејачка од Вевчани Викторија Чочороска.

Станува збор за преработка на старата македонска песна „Јаворе“, за која аранжманот го направи композиторот Николче Мицевски. За песната беше снимен и видео спот, кој исто така беше презентиран пред бројната публика.

Image may contain: 2 people, people smiling, people standing and outdoor

Композиторот Мицевски не ја криеше радоста од соработката со овој млад изведувач и пред присутните истакна дека му е чест што е во Вевчани и што има можност да промовирам песна која со особено задоволство ја сработил за Викторија.

– Уште прв пат кога ја слушнав Вики како ја пее „Јаворе“, од срце посакав таа прекрасна македонска песна да блесне во нов сјај и исклучиво во нејзина изведба и мислам дека заедно успеавме во тоа, истакна Мицевски.

Викторија Чочороска е млад изведувач, дипломирала на музичката академија во Скопје, а работи како професор по соло пеење во средното музичко училиште во Струга. Таа како соло изведувач патот во музичките води го започнува како член на КУД „Дримкол“ од Вевчани, каде што и денес е активен член во пејачката група „Каданка“ со која неодамна објавија и музичко ЦД на стари традиционални песни, а музиката со силен ентузијазам им ја наметнува и на многу млади дечиња преку креативни музички работилници.

Image may contain: 9 people, people dancing, people standing, wedding, crowd and indoor

Од нејзините досегашни ангажмани се издвојуваат соло настапите и концертите во рамки на Вевчанско културно лето, ликовната колонија „Вевчански видувања“ соло изведби за театарски претстави, а успешна соработка неодамна оствари и со групата Некст Тајм за песната „Нешто ќе те питам бабо“ каде го пее женскиот вокал. Таа соработува и концертира со дуото „Даутовски“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење