Економија Избор од Уредникот Свет ТОП ВЕСТИ

Шведска – земјата во која политичарите немаат никакви привилегии

Стокхолм, 9. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Бразилската новинарка Claudia Wallin, која од 2003. година живее во Шведска, за магазинот „Buka“ опишува како изгледа животот на тамошните политичари.

– Ова може да им звучи чудно на луѓето кои живеат во други земји, но Шведска не им нуди никаков луксуз или привилегии на своите политичари. Без службени автомобили или приватни возачи, шведските министри и парламентарци патуваат со преполните автобуси и возови, заедно со граѓаните кои ги застапуваат, пишува Wallin.

Таа додава дека политичарите во оваа земја немаат пратенички имунитет и може да им се суди како на сите други граѓани. Работат во канцеларии помали од осум квадратни метри.

– Јас сум тој кој ги плаќа политичарите, вели Joakim Holm, граѓанин на оваа земја. „И не гледам никаква причина да им овозможувам луксузен живот.“

Одредени привилегии само за премиерот

Политичарите кои ќе потрошат јавни пари за такси, наместо да се возат со воз, завршуваат на првите страни на весниците. Дури и претседателот на Парламентот добива картичка за користење на јавниот превоз, пишува Wallin за „Buka“.

Само премиерот на државата има право на трајно користење на автомобил и лично обезбедување.

– Шведските парламентарци живеат во мали станови во главниот град, каде сами ја перат и пеглаат својата облека. Никој не заработува висока плата. Платата за членовите на Riksdag (парламентот) е околу два пати повисока од платата нa учител во Основно училиште, пишува Wallin.

Додава дека општинските службеници не добиваат плата и немаат канцеларии, туку работат волонтерски од нивните домови.

Граѓаните можат да следат како се трошат нивните пари

Слично е и во правосудниот систем. Судиите немаат право на службени возила, секретарки или било какви привилегии.

Сите кои се на власт, можат веднаш да бидат повикани на одговорност, а сите информации мора да и’ бидат достапни на јавноста. Во 1766 година, јавниот пристап до службените владини документи стана уставно право за сите граѓани, како посебно поглавје од Законот за слобода на медиумите во Шведска.

Граѓаните во секој момент можат да следат како се трошат народните пари од страна на министрите, пратениците и судиите. Можат да го прочитаат даночниот лист на премиерот, да ги проверат трошоците на полицијата, врховниот заповедник на вооружените сили, јавните агенции, односно трошењето на парите на било кое ниво на власта.

– За нешто повеќе од 100 години Шведска од сиромашно земјоделско општество израсна во една од најбогатите, социјално најправедните и најмалку корумпираните земји во светот, каде никој не е над другите, заклучува новинарката. (Крај)

извор: index.hr фото: index.hr

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење