Избор од Уредникот Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Убавините на Охрид промовирани на Reseguiden.se, еден од најпопуларните туристички портали во Шведска

Охрид, 10. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Репортажа и промоција на убавините и туристичките потенцијали на Охрид и Македонија, минатиот месец беше објавена на Reseguiden.se, еден од најпопуларните туристички портали во Шведска.

– Историјата, културата и природата тука се мешаат во фасцинантна комбинација на искуства. Ќе ве однесеме на патување во Охрид, класифициран како светско културно наследство на УНЕСКО и градот на брегот на едно од најубавите езера во Европа. Овде ќе го најдете најстариот универзитет во Европа од 8 век. Градот е познат и како „Европски Ерусалим“, бидејќи во градот и околу него се наоѓаат повеќе од 365 цркви и манастири, пишува порталот.

Новинарот додава дека воопшто не е тешко да се разбере зошто Охрид се нарекува дијамант на Македонија.

– Во летните месеци се организираат концерти, фестивали и бројни други настани. Стариот дел на Охрид се наоѓа на рид, вгнезден меѓу тесните камени улици е Античкиот театар, а во областа има многу ресторани, кои нудат традиционална македонска храна по пристапни цени. Прекрасниот поглед кон езерото ја подобрува вечерата, а за оние кои сакаат да се забавуваат до доцна во ноќта има многу пабови, барови и клубови. Охридското Езеро е заштитено од УНЕСКО и класифицирано како светско културно наследство. Станува збор за едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, со потекло од 2-4 милиони години и со длабочина од близу 300 метри. Езерото е дом на околу 200 уникатни животински видови и растенија, како и националниот парк и планинскиот венец на Галичица кои го опкружуваат езерото, се потенцира во текстот на Reseguiden.se. (Крај)

извор: Reseguiden.se фото: Reseguiden.se

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење