Избор На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ

Цветкоски: Претставата „Домино“ е трагикомичен емотивен „ролеркостер“

Охрид, 7. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на програмите за промоција и негување на хуманите вредности, поттикнување и развивање на креативноста кај младите, вечерва ќе биде отворено шестото издание на Меѓународниот аматерски младински театарски фестивал „Вдиши театар“, во организација на охридскиот Црвен Крст.

Ова издание ќе стартува со актерски перформанс на 15 млади кои ќе ја најават премиерата на преставата „Домино“, но и она што следува во наредните фестивалски денови, во кои ќе низ 5 театарски претстави ќе го прикажат повеќе од 60 талентирани млади актери-аматери од организациите на Црвен крст од Суботица, Ужице, Крагуевац, Битола и Охрид.

Со Јован Цветкоски, режисер и автор на преставата „Домино“ и со Весна Терзиоска, втор човек на охридскиот Црвен Крст, воедно и дел од организацијата на фестивалот и режисер на претставата, разговаравме денес во емсијата Радио Корнер на Супер радио.

Супер радио: На која сцена и со која претстава ќе биде отворено шестото издание на фестивалот „Вдиши театар“?

Цветскоски: Фестивалот се отвора вечерва од 20:30 часот во предворјето на црквата „Св. Софија“ со претставата „Домино“, но претходно имаме предвидено свечено отворање со перформанс со 15 млади кои ќе го отворат фестивалот и ќе го најават тоа што следува во наредните фестивалски денови. Покрај дел од режијата, која ја работевме заеднички со Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц, јас сум актер на сцената и автор на текстот за претставата „Домино“. Станува збор за трагикомедија, жанр во кој на публиката ниту во еден момент не и’ е досадно, како ролеркостер кој ги води емоциите на публиката низ целата претстава.

Супер радио: За каков перформанс станува збор?

Терзиоска: Перформансот пред премиерата на „Домино“ ги обединува сите пет претстави кои ги имаме работено од кога постои „Вдиши театар“ од 2014-та година. Тоа е перформанс со сегменти од минатогодишните претстави „Суд за морални вредности“, „Деспина ќе ја грабиме никој да не знае“, „Фортуна“, „Багаж“ и „Во фиока“. Во перформаност се вклучени 15 младинци кои не се дел од претставата, но беа дел од работилниците кои се одвиваа во претходните неколку месеци, а со цел кај нив да се зголеми креативниот потенцијал.

Супер радио: Вие сте дел од организацијата на фестивалот од самото основање. Со каква цел го формиравте фестивалот „Вдиши театар“?

Терзиоска: Заедно со други волеонтери, јас сум еден од идејните творци на фестивалот. Уште тогаш увидовме дека младите во Охрид имаат голем креативен и актерски потенцијал, но и желба да бидат на сцена. Увидовме дека ние како организација на Црвениот крст имаме капацитет да направиме и некој продукт од тоа. Првата цел ни беше таа, да ја канализираме таа младинска енергија. Но, исто така цел ни беше и да го збогатиме културното живеење на градот, токму пред почетокот на главната туристичата сезона и пред фестивалот „Охридско лето“. Сакавме младинците кои доаѓаат кај нас квалитетно да го поминат своето слободно време, да ја градат театарската навика, но и да прошетаат и да разменат искуства со врсници во регионот.

Супер радио: Колку време ја работевте преставата „Домино“?

Цветкоски: На „Домино“ интензивно работевме многу кратко време, околу еден месец, но самите подготовки и работилици, кои ги усовршуваат потребните театарски вештини ги започнавме пред три месеци. Самата екипа како да „кликна“, во нив постои таа добра енергија и мислам дека тоа беше клучно што за релативно кратко време успеавме да го реализараме проектот.

Image may contain: 3 people, people smiling, people standing

Супер радио: Со ланското издание прославивте мал, пет годишен јубилеј. Некои членови веќе не се дел од групата, но во меѓувреме има голем интерес и Ви се приклучуваат нови членови. Какви се нивните импресии и искуства, уживаат ли во улогите и во подготовката на еден ваков настан?

Терзиоска: Во работењето со нив се чувствува дека тоа за нив е прекрасно и многу позитивно искуство. Кога некој природно зминува од групата, најчесто тоа е поради запшување на факултет надвор од Охрид, ни ним и нам ни е многу жал. Но, тој процес е таков, некој заминува, но некој доаѓа, а ние се трудиме од сите нив да го извлечеме макисмалниот креативен потенцијал. Освен на тој аспект ние со нив работиме и на градење на здрави личности. Самиот фестивал сакаме да биде еден чекор напред во подигнување на театарската култура, не само кај младите, туку и кај останатите граѓани.

Супер радио: Како да Ви се придружат оние кои би сакале да се дел од Вашата независка аматерска група?

Терзиоска: Театарската група, но и сите други активност на Црвениот крст од Охрид се отворени за секој оној кој има малку слободно време идеи и желби за волонтерство. Годинава театарската група брои 25 младинци и се радуваме што како што расте фестивалот, така расте и интересот кај младите да бидат дел од него.

Супер радио: Што следи во останатите фестивалски денови?

Цветскоски: Во четиридневната програма, својот актерски талент, умешност и креативност, низ 5 театарски претстави ќе го прикажат повеќе од 60 талентирани млади актери-аматери од организациите на Црвен крст од, Суботица, Ужице, Крагуевац, Битола и Охрид што воедно ќе отвори можност за сплотување на актерите-аматери од градот и соседните држави, соработка, размена на искуства и стекнување нови пријателства. Во четирите фестивалски вечери ќе има пет претстави, сите се на сцената во предворјето на сцквата „Св. Софија“ со почеток во 20:30 часот, освен во сабота кога имаме две претстави, едната од 18:30, а втората од 21:00 часот.

Супер радио: Со претставата со која го отворате фестивалот, традиционално гостувате на аматерски театарски фестивали надвор од Македонија. Имате ли таква покана и планови и годинава?

Терзиоска: Секоја година добиваме и по неколку покани за да гостуваме на настаните на организациите на Цврениот крст од збратимените градови од земјите во регионот. До сега имаме гостувано во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, во градовите Ужице, Суботица, Бар, Требиње и Крагујевац. Годинава имаме неколку понуди, размислуваме помеѓу фестивалите во Крагујевац или Ужице, а гостувањето со претставата „Домино“ ќе го реализираме во септември.

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење