Избор Струга

Земјоделците од струшко се информираат за набавка на механизација преку Програмата за рурален развој

Струга, 23. јули 2015 (ОХРИДПРЕС) – Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството – Работна единица Струга започна на терен да ги информира земјоделците за повикот што ќе биде објавен на први јули за набавка на механизација според Програмата за рурален развој позната како 50-50.

Според Слаѓана Калајџиеска – Бебекоска советник во струшката работна единица, кај земјоделците од регионот постои интерес, поради што советниците од Агенцијата на терен ги информираат за условите за аплицирање и поволностите што ги добиваат тие.

– Владата на Република Македонија одлучи на 1.јули да објави нов повик од добро познатата Национална програма за рурален развој со мерката 121 или уште попозната како 50-50 која опфаќа инвестиција за модернизација на земјоделски стопанства односно набавка на механизација за сите земјоделски стопанства која дејност е производство на житни, фуражни и индустриски култури. Повраток на почетната инвестиција е од 50 па се до 75 проценти, во зависност од тоа дали носителот на земјоделското стопанство е млад земјоделец, но и во зависност од местоположбата на површините и слично, појаснува Калајџиеска-Бебекоска.

Таа додава дека минимум потребни услови за аплицирање се фармерот да биде запишан во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и да има површина од над 0,5 хектари доколку станува збор за тутун или 1,5 хектари доколку се произведува житна или фуражна култура.

– Потеклото на механизацијата може да биде од каде било и по тоа оваа програма се разликува од ИПАРД-програмата каде набавката се вршеше исклучиво од земји членки на Европската унија. Финансиските средства во оваа програма се лимитирани и токму затоа, во одлучувањето ќе игра улога и времето на аплицирање. Од тие причини апелираме до заинтересираните фармери да не го чекаат крајниот рок за аплицирање, вели Калајџиеска – Бебекоска.

Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството ќе ги информира земјоделските стопанства за условите, поволностите и начинот на аплицирање за оваа програма преку трибини и директни средби на терен. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење