Охрид

СВР Охрид во 2014 бележи намалување на прекршоци против јавниот ред и мир

Охрид, 03. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Секторот за внатрешни работи Охрид, во 2014 година регистрира намалување на прекршоци по законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

Според аналитичките податоци, лани во Охрид регистрирани се 292 прекршоци што претставува намалување во однос на 2013 година кога биле евидентирани 396 прекршочни дела.

Намален е и бројот на сторителите на прекршоци. Лани вкупно 426 лица сториле разни прекршочни дела додека таа бројка во 2013 година изнесува 536.

Во текот на минатата година биле регистрирани 99 случаи на физички напади, 60 случаи на учество, предизвикување и поттикнување друг на тепачка , 43 оддавање на пијанство, 24  пријавени настани карање и викање, 13 прекршоци поврзани со наркотични дроги, 10 случаи на фрлање или кршење на предмети, 7 прекршоци поврзани со омаловажување државен орган, 7 прекршоци поврзани со држење куче без заштитна маска, 6 прекршоци за питачење, 3 регистрирани прекршоци за присуство на малолетници во угостителски објекти по 24 часот, 3 прекршоци за навредување или вршење присилба спрема друг, 2 случаи на лажно пријавување и лажно претставување и 2 прекршоци за неовластено пукање од оружје.

Според местото на извршување, 264 прекршоци или 90 % се извршени во градот а 28 прекршоци или 10 % се сторени надвор од градот. Вкупно 162 прекршоци се извршени во градот, 36 во угостителски објект, 15 во приватен стан.

197 прекршоци се извршени од поединец, 62 од две лица  додека 33 прекршоци се сторени од три и повеќе лица. Од нив, 216 сторители биле вработени, 133 невработени и 56 ученици/студенти.

Минатата година, до Основен суд во Охрид поднесени се 146 барања за поведување на прекршочна постапка, против 270 сторители за сторени 150 прекршоци. До Комисијата за прекршоци поднесени се 115 барања за поведување на прекршочна постапка, против 156 сторители за сторени 142 прекршоци.

Главни причини што доведуваат до нарушување на јавниот ред и мир се влошени брачни и семејни односи, нерасчистени имотно–правни  и должничко–доверителни односи, влошена економска состојба, невработеност, алкохолизираност и употребата на наркотични дроги. (Крај)

извор: ОхридПрес/СВР Охрид фото: архива