Охрид, 25. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Среда, 27-ми јануари ќе биде неработен ден за граѓаните припадници на српската заедница во Република Македонија.
Согласно со Законот за празниците, празникот Свети Сава е прогласен за неработен ден, информираат од Министерството за труд и социјална политика.
Со оглед на актуелната состојба со COVID-19 годинава ќе изостане традиционалната прослава на празникот, одбележувањето ќе биде само со кревање на славска погача и пченица во црквата Св.Никола, Долна Влашка маала, информираат за Супер радио и OhridPress од здружението „Коштана“.
Според податоците од последниот попис во Охрид има околу 700 припадници на српската заедница, но сега бидејќи долго време не е направен попис, не се знае фактичката состојба.
Во Здружението на српската заедница во Охрид, „Коштана“ членуваат околу 250-300 членови. Целта на ова здружение е зачувување на идентитетот, културата и јазикот на Србите во Македонија и одбележување на значајни датуми од историјата на Србите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива