Охрид, 18. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – 350 капачи се пријавиле досега да скокаат по светиот крст во езерските води, утре на големиот празник Богојавление – Водици.
Вечерва во периодот од 19:00 до 23:00 часот на пунктот на Црвен крст Охрид, на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. Од Црвениот крст апелираат до капачите да ја проверат својата здравствена состојба и да се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 7.6 °C.
Традиционално богослужбите ќе започнат во 07:00 часот, а во 08:30 часот започнува литургијата. Во 09:45 часот тргнува литијата од сите парохиски цркви и се упатува кон градското пристаниште, каде во 10:00 часот ќе биде извршен голем водосвет и ќе се положи чесниот крст во водите на Охридкското езеро.
Среќниот фаќач на крстот ќе биде даруван од градоначалникот Јован Стојаноски со икона, а МПЦ-ОА ќе му подари златно ланче со крст. И годинава по традиција, точно напладне во месноста Сараиште ќе биде спроведено групно крштевање. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес