За Охридцките работи

Охридски BOX Office – „Херојот од Пресека“, „Вујна“ и „Кум није дугме, Цветан није од Варош!!!“

За Охридцките работи
Бр. сл. 015/01/2015
Охрид, 22. јануари 2015 година

Никогаш не сме Ви препорачале некое добро филмче, па за да ја исправиме оваа историска неправда, ево сега три филма кои во текот на декември 2014-та и јануари 2015-та година суверено владеат со охридскиот „Box Office“.

„Херојот од Пресека“

herojotodpreseka

Ја гледав неколку пати клучната сцена од блокбастерот „Херојот од Пресека“. Пазете, ова да влезе во записник, дека истиот е снимен без каскадери и сите акциски сцени во него се реални. Абе така треба – гради в гради со клетиот снег кој се дрзна да излезе од рамките на предвиденото за 2014-1015 година во програмата на партијата. Ќе ми врнит снег на сред зима…. Е па ево ти, плачи сега. За рекордни три недели, успеавме да ги исчистиме сите 20 см. снег и мраз од центарот на градот, откако во пикот на адреналинскиот шок заборавивме дека туркаме комбиња на „туѓа територија“ каде „случајно“ се најдоа новинари, камермани, фоторепортери и сл.

Шта је мишеви???
Фрка а???

Уште ќе кажвите после прикаски вака било – така било… Абе гитла таму. Збор да не сум слушнал…

The end

Уште ова само:

„Охрид сам по себе е град на културата и затоа воопшто е непотребно да се аплицира. Сметаме дека оваа акција има за цел да ја заживее културата во оние места каде има недостаток од културни настани“.

Ова пошто е во наводници како цитат му идет некако, изговорен од устата на локален службеник во Охрид и како одговор на прашањето – „Зошто Охрид не се пријави на конкурсот на Министерството за култура за Град на културата“.

Шо да речит човек ќе згрешит. Битола, Прилеп, Куманово, Штип, то се едни мали градчиња, дучанчиња со „недостаток на културни настани“, па се пријавуваат годиниве наназад… Па помош од министерството (со кое нели сега иста песна пееме), па продолжување на сезоната, па…

Ајде, ние ќе се пријавиме ко ќе бираат „Град на копитата“…

„Вујна“

vujna

Е другарчиња мои завеани во ланскиот снег, блокбастерот „Вујна“ Ви е посебна приказна. Генијалноста со чистењето на снегот по целиот град кулминираше со начинот на кој беше исчистен Градскиот кеј. Учете колеги и колешки бичис од сите ЈП ширум светот како треба. Пази добро – ќе си направиш патека од 1 метар долга стотина метри и тоа е тоа. Сите ќе се туркаат тука, па ќе се собере гужва и медиумиве ќе известат „Охрид преполн за празниците“, „Се чекаше место повеќе за да се помине по кејот во Охрид“…

komunalecpateka

И ако мислевте дека тука заврши приказната …. секако не. Неколку дена подоцна, напладне (то е она кога малата стрелка е на 12 и големата е исто на 12) по сонце и туристи по кејот со камиони го „ринеа“ снегот, кој подоцна работниците го фрлаа….

а) На Буково
б) Непозната локација надвор од градот
в) Назад во езерото

Точен одговор е под „в“ и тоа заедно со солта, песокот и ѓубрето од кејот.

Толку за вујна, од нас петка на рачето и 12 поинтс, а таа нека го најде во архивата на една локална телевизија коментарот на една српска туристка за тоа како вујна ја заврши работата зимава…

The end

„Кум није дугме – Цветан није од Варош!!!“

vodici2015cvetan

Третиот филм кој Ви го препорачуваме е „Кум није дугме, Цветан није од Варош!!!“, односно филмуваната сторија за празникот Богојавление – Водици. Со српскиот кум и дождот, а без логистиката на Митрополитот Тимотеј, годинава Дебрца, односно селото Белчишта претставувани од Цветан Мицкоски успеаја да го направат невозможното. И покрај расипаниот микрофон, јасно се слушна од каде доаѓа „фаќачот“. Што да се каже друго освен – Белчишта се јави… Претходно нели како што е ред, годинешниот кум – Лането Жељко го почестивме во рестораните, каде тој си запали цигара (Кум није дугме), само еден ден откако надлежните институции во Охрид, Струга, Кичево и Дебар наплатија над 35 илјади евра и затворија многу угостителски објекти за слични пропусти.

zeljkocigaraПуши куме, го испушивме ние одамна, барем ти ќефот напрај си го (фото: плус Инфо)

А да Ви кажам искрено мене Кума Јована повеќе визуелен ќеф ми напрај…

Пак и ова Дедово (Тимотеј де), де во возљубена и тесна врска со овие од „Јавлениево“, де не знаеле да се крстат, де (пак ова) клетиве медиуми сакале да ги скараат членовите. Како со црквата на плоштад – де не чинеше, па чинеше. Ама и Јавленциве ербапи па го потсетија стариов дека доаѓале тие на благослов кај него, па и некој од кумовите и широко го отвориле ќесето со кеш-помош за здравје и благослов. Па после се знае – фрлија помошта нагоре, па што му треба на Господ нека си земе, другото за земниве негови претставници.

The end

Толку со филмовите… Најискрени честитки за Цветан Мицкоски од селото Белчишта кој оваа година го фати Светиот крст. Да е среќен, жив и здрав и да носи среќа за цел Охрид, верувајте ќе ни треба многу како е тргната работава.

Извинете вака со „Прокулинов“, пошто ние „клетиве“ од OhridPress, како што не дал Господ, не објавуваме само позитивни и убави вести, туку и од овие другиве.

Ај со лес…

Сашо Митан