Струга

Ѓурѓовденска литија во Струга

Струга, 7. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денес во Струга по осми пат ќе се одржи Ѓурѓовденската литија на која граѓаните ќе можат да се поклонат пред моштите на Св. Георгиј Победоносец и чудотворната икона на овој светец.

Денот на традиционалната Струшка литија е дел од културното наследство на Република Македонија.

На Литијата ќе ѝ претходи церемонијално полициско возило, кое на својствен начин ќе го одбележи чествувањето на Св. Георгиј како покровител на полициските сили. Помеѓу возилото и Литијата на коњ ќе дефилира посебен редар и најавувач на процесијата, со палмова гранка во раката како симбол на мирот, кој всушност, не го претставува Св. Георгиј Победоносец, туку само ќе биде облечен во традиционална римска трибунска облека од времето кога живеел светецот.

На чело на самата Литија ќе биде член од Бигорското братство, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалтите и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град Скопје, чудотворната икона на Св. Георгиј Победоносец, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Тимотеј и други митрополити, и најпосле, најголемата светиња – моштите на Светиот во раскошно украсениот епитаф. Оваа година моштите на Светиот Победоносец Георгиј, покрај тоа што ќе бидат носени од страна на видни струшки граѓани, ќе бидат придружувани и од четворица таканаречени сердари односно чувари на моштите на Св. Георгиј. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива