Македонија

Музичка вечер ќе биде посветена на Драган Ѓаконовски Шпато

Скопје, 23. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Музичка вечер ќе биде посветена на еден од најголемите музички великани на македонската авторска сцена Драган Ѓаконовски Шпато.

Утре во Old school caffe во Скопје ќе му биде оддадена почит на овој врвен великан.

Драган Ѓаконовски Шпато (1931 – 1987, Скопје) е автор на бројни забавни мелодии, музика за театар и филм како и на аранжмани за забавна и за џез музика, почнувајќи од првите повоени години. Во неговата кариера тој соработувал со извонредни пејачи и уметници како : Драган Мијалковски, Диме Поповски, Нина Спирова, Даниела Панчетовиќ, квартетот Импулси, Илија Пеовски, Љупка Димитровска и многу други. Со својата музичка генијалност тој беше далеку над времето во кое забавната музика и џезот се наоѓаа во Македонија. Тој е нејзин основоположник и вистински корифеј, предводник на другите. Шпато успеа да реализира некои свои екстремно напредни идеи за она време. Беше единствен по својата генијална способност да ги дешифрира тонските снимки, поточно она што го слушаше преку светските радио станици да го преточи во нотни записи. Но, тоа не беше некое препишување, туку една вистинска музичка креација заснована на основната мелодија. Од музиката која тој ја дешифрираше од етерот, правеше совршени аранжмани за скромните музикчи ансамбли. Така ги приспособуваше изведбите според можностите кои во тој миг беа присутни во македонската забавна и џез музика. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива