Избор Македонија

Хојт Ји ќе биде новиот амбасадор на САД во Македонија

Скопје, 29. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Хојт Брајан Ји ќе биде новиот амбасадор на Соединетите американски држави во Македонија, објави „Ал Џезира Балканс“. Информацијата ја потврдил Стејт департментот за дописникот на „Ал Џезира“ во Вашингтон.

Хојт Ји ќе го замени Џес Бејли, кој беше именуван во декември 2014 година. Ји е инаку дипломат од кариера и во моментов ја извршува функцијата заменик асистент секретар за Европа и европски прашања во администрацијата на САД во Вашингтон. Тој е одговорен за односите на САД со земјите од Централна и Југоисточна Европа.

Пред да биде назначен на оваа позиција Ји работел како заменик шеф на мисијата на американсата амбасада во Загреб, Хрватска во периодот од 2010 до 2013 година. За време на неговиот мандат во Хрватска дојде до епилог на судскиот случај против поранешниот хрватски премиер, Иво Санадер, кој беше осуден на четири и пол години затвор за примање мито. (Крај)

извор: Фокус фото: архива