Избор На кафе со... Охрид

Каневче: Минатата година им помогнавме на 40-тина ученици, а тоа го правиме и годинава по осми пат

Охрид, 21. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Целта на хуманитарниот концерт „Предновогодишна филмовизија“ е да се соберат средства за целосно или делумно да се помогне на охридските гимназијалци од завршните класови, кои од финансиски причини не се во можност да отпатуваат со своите врсници на  задолжителната завршната екскурзија, која е предвидена во годишниот план на училиштето.

– Минатата година целосно или делумно помогнавме на 40-тина ученици, а тоа го правиме и годинава по осми пат, истакна Стефан Каневче, професор по латински јазик во охридската гимназија, главен организатор на настанот, кој беше денешен гостин во емисијата „радио Корнер“ на Супер радио со Александра Алексијевска.

Супер радио: Овој настан слободно може да го наречеме традиционален, кога и каде ќе се случи оваа година?

Стефан Каневче: „Предновогодишната Филмовизија“ е закажанa за 25-ти декември на големата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“. Во организациска смила најголемиот товар го носам јас, но секако ОСУ „Св. Климент Охридски“ комплетно стои зад овој настан. Вакви настани организираме последниве осум години.

Супер радио: За што ќе се наменат средставата кои ќе се соберат од влезниците?

Стефан Каневче: Секоја година во програмата на гимназијата предвидена е задолжителна екскурзија, која сме свесни дека дел од учениците не можат делумно или целонсо финансиски да си ја дозволат. На овој начин се трудиме да помогнеме што повеќе ученици да бидат меѓу своите врсници за време на еден од највозбудливите моменти од нивното образование. За некого тоа можеби ќе биде единствената можност да прошета надвор од државата. Од собраните средства правиме план преку кој ги покриваме трошоците за екскурзијата, за некои ученици целосно, за некои ученици делумно. Влезниците се со симболична цена од 100 денари, можат да се купат во гимназијата, а секако ќе бидат достапни и на билетарницата при Центарот за култура, на самиот настан.

Супер радио: Истиот настан лани носеше наслов „Предновогодишна кирилица“, годинава „Предновогодишна филмовизија“…

Стефан Каневче: Секоја година се трудиме да бидеме што поразлични и да привлечеме се повеќе внимание.  Лани работевме на теми од екс ју просторите и затоа концептот го насловивме „Предновогодишна кирилица“, а годинава подготвуваме филмска музика, од тука и самиот наслов „Предновогодишна филмовизија“.

Супер радио: На колкумина ученици успеавте да помогнете лани преку „Предновогодишната кирилица“?

Стефан Каневче: Лани со средствата кои ги собравме од концертот, целосно или делумно помогнавме околу трошоците за екскурзијата на околу 40-тина ученици од трета и четврта година.

Супер радио: Минатата пролет запознавме неверојатни таленти и прекрасни вокали преку талент шоуто OhridSUPERSTAR. Ќе видиме ли на „Предновогодишната филмовизија“ дел од момците и девојките кои ги запознавме токму преку OhridSUPERSTAR?

Стефан Каневче: Секако дека дел од учесниците на OhridSUPERSTAR ќе настапат в понеделник. Меѓу нив се Ирма Гогова, Андреа Јованоска, Филип Симоноски, Ангела Стефаноска… Ученици кои се многу надарени, кои имаат талент, ученици кои ќе имаат искуство плус во животот, не само оние кои пеат или музицираат на сцената, туку сите во организацијата ќе имаат искуство плус, преку кое ќе доживеат како е да се организара еден ваков настан.

Супер радио: Може ли да ни откриете барем неколку од темите кои ги подготвувате?

Стефан Каневче: Во понеделник на сцената публиката ќе може да слушне soundtrack теми од филмовите за Џејмс Бонд, Кум, Мама Миа итн. Подговките се пред самиот крај, а посетителите ќе уживаат во вкупно 19 песни.

Супер радио: Колку ученици се вклучени во организацијата на настанот и колку од нив ќе видиме на самата сцена?

Стефан Каневче: Бендот  кој ќе ги прати пејачите се вика „Бесниот бенд“. Се состои од две гитари, виолина, синтисајзери, тапани и хармоника. На самата сцена ќе видиме и слушнеме вкупно околу 40-тина ученици. Целокупната организација е пообемна и во неа се вклучени околу 70 ученици.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес