Избор Охрид Партии

ОК ВМРО ДПМНЕ: Јавно извинување и разрешување на директорката на ЈП „Градски гробишта“

Охрид, 26. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Хаосот што го предизвикуваат кадрите на СДС како партиски послушници не престанува, а ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека СДС со брутална партизација на претпријатијата и со поставувањето некомпетентни партиски кадри Охрид го турка во хаос, рече на денешната прес конференција шефот на Центарот за комуникации и портпарол на ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид, Перчо Божиновски.

– Манифестирајќи невидена дрскост се поигруваат со граѓаните нудејќи живот за сите, а лицемерно ги напаѓаат чувствата на семејствата на починатите. Директорката на ЈП „Градски гробишта“, Татијана Дамјаноска веќе неколку дена е поврзана со срамен и недоличен чин, дело со кривична одговорност. Извршеното дело било направено на писмено барање од директорката до приватниот погребален оператор со што тие пристапиле кон откопување на гробот односно е извршено ексхумација, спротивно на сите законски прописи, истакна Божиновски.

Тој побара од директорката Дамјаноска, согласно член 36 од Законот за гробишта и погребални услуги да даде одговор на неколку прашања:

– Во кое својство се обраќа до приватен оператор, ако според ставот 1 тоа го прават само членови на потесното семејство? Дали има одобрение од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на внатрешните работи и од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на здравството? Дали е пријавено и пред колку дена извршувањето на откопувањето? Со која дополнителна цел врши ископување на гробот? Во интерес на кого и за утврдување на докази е спомнат пронајдениот лимен сандак? Дали е известена МПЦ-ОА знаејќи од бетонскиот крст со слики дека се работи за свештено лице со мошти? И на крај кој е толку моќниот граѓанин пред кого не смее да покаже непослушност, праша Божиновски и побара од надлежните органи на прогонот да постапат по институтот допрен глас и да преземат соодветни мерки.

Од ОК ВМРО ДПМНЕ реагираа и на одлката на според нив нестручниот управен одбор на ЈП „Градски гробишта“ да не се дозволува закоп на починато лице се додека целосно не биде платено гробното место. Тие побараа јавно извинување и градоначалникот да ја разреши директорката на ЈП „Градски гробишта“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес