Забава Избор

„Охрид фест“ за првпат објави конкурс за неафирмирани текстописци

Охрид, 6. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во пресрет на јубилејното  25-то издание на Интернационалниот музички фестивал „Охрид фест-Охридски трубадури“, што ќе се одржи во септември оваа година, Советот на фестивалот за прв пат распишува конкурс за текстови од неафимирани текстописци, поети, поетеси и автори.

Текстовите треба да се испраќаат до крајот на мај на меил-адресата tekstovi@ohridskitrubaduri.mk со име и презиме, контакт на авторот и назнака дали е за забавна или за фолк песна. Текстовите треба да бидат напишани на македонски литературен јазик за поп композициите, додека за фолк песните дозволено е вметнување на архаични и зборови и фрази од македонските дијалекти.

– Стручна жири комисија ќе избере шест најдобри текстови, три за фолк и три за забавниот дел, а како награда ќе добијат музичко обликување од врвни музички автори и изведба од некои од најпознатите пејачи, велат од фестивалот.

Исто така, до самото одржување, годинава на официјалната страница на фестивалот охридскитрубадури.мк победници, настапувачи, автори, организатори ќе се потсетат на своите најубави фестивалски моменти, сеќавања и спомени, низ рубриката „Охрид фест низ интервјуа“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива