Избор Култура Охрид Охрид во 10

Промовирана книгата „Охрид во 10“

Охрид, 9. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“, а како дел од активностите за прослава на 25-тиот роденден на Супер радио, во кафе барот Shilla во Охрид вечерва беше промовирана книгата „Охрид во 10“.

Станува збор за финализирање на идејата да го видиме Охрид од една точка во текот на целата година, на сонце, снег, дожд, по убаво и по лошо време, како потврда за неговата безвременска убавина.

– Одбравме една точка која е исклучително препознатлива и го прикажува токму онаков каков што е – древен и прекрасен, но во исто време град во кој живеат луѓе кои се нераскинлив дел од светот и модерниот начин на живот. Исто така ќе се регистрираат и најважните настани кои го одбележале секој ден и ќе биде како еден календар на живеењето на градот во 2017-та година. Сите фотографии и информации се веќе објавени и во книгата, чија промоција е дел од проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“, изјави Сашо Митаноски од Супер радио, кој му ја оддаде целата почит за реализацијата на проектот на Dj Regie Rules (Реџеп Селман) кој секој ден, по сонце, дожд и снег стрпливо и упорно ја создаваше сложувалката наречена „Охрид во 10“.

ohridvo10Фотографијата претставува сведоштво на убавините и светоста на Охрид кој како магија  го привлекува секој патник откривајќи му ги сите волшебства кои извираат од порите на овој древен град. Фотографијата остава печат и е едноставен одраз на начинот на кој се гледаат нештата, потсетува на местото каде сме раснеле, каде живееме, каде твориме. Ни ги оплеменува сеќавањата за да постојат вечно во нас. Токму затоа проектот „Охрид во 10“ има огромно значење и дава посебен придонес за развој на градот и за неговиот севкупен напредок како и за афирмација во Република Македонија и светот, вели во предговорот на книгата новинарот и директор на фестивалот „Охридско лето“ Сузана Вренцовска:

ohridvo101– Со овој проект Супер радио уште еднаш отвори нови вредности истакнувајќи ги квалитетите на Охрид, како град кој има безвремена убавина. Успеа да ни го долови времето, спомените, емоциите кои ги среќаваме и доживуваме преку духот на градот со кој што охриѓани уште долго ќе живеат. Мошне возбудливо видување и интересна проекција на нишките на фатениот момент кои ја отсликуваат убавината на фотографиите оставајќи посебна импресивна трага. Во нив е вградена душата на градот. Проектот „Охрид во 10“ носи нешто ново и свежо, едно необично дело со силен порив за креација. Набљудувајќи ги фотографиите, сликани на сонце, снег, дожд.., и покрај различниот спектар на бои, секогаш не плени убавината Охридското Езеро со целата негова живописна површина. Да се гледа Охрид од една точка, која е исклучително препознатлива, претставува потврда дека тој е токму онаков каков што е – древен и прекрасен, но во исто време град во кој живеат луѓе кои се нераскинлив дел од светот и модерниот начин на живот. Уметничка вредност која го одразува епитетот на вистината – Охрид, вечниот град, волшебен рид но истовремено и културен, духовен и туристички центар на Македонија. Фото записот на „Охрид во 10“, каде се вткаени  високите фотографски стандарди, несомнено дава придонес во збогатувањето на архивската ризница на Охрид. Производ на кој сите со право сме горди. Супер радио секогаш го препознава бенефитот од ваквите проекти со кои се остава трајна вредност на градот. Како носител на проектот, повторно истражува со замисла, идеја и професионална посветеност. Особини кои го одликуваат најслушаното радио кое мината година прослави успешни 25 години постоење во македонскиот етер. Радио кое секогаш се потпира на одговорност одејќи кон патот на успехот. Голема е одговорноста да се биде секогаш на врвот, водејќи се од убавото и креативното, да се споделува радост, возбуда и љубов со публиката. Голема е одговорноста да се стои исправен пред предизвиците на модерното време, на новите технологии, притоа секогаш да се биде најдобар. Но исто така голема е честа да се биде дел од екипата која создава секогаш нови работи, вредни за Охрид, додава Вренцовска.

ohridvo102Дизајнот на книгата го направи охриѓанецот Антонио Стаматоски, а се принташе во студиото „Астра дизајн“.  Проектот „Охрид во 10“, покрај на Facebook, веќе доби и сопствена веб страна, а фотографиите секој ден се објавуваа и на информативниот портал OhridPress од каде се црпени и информациите за настаните кои го одбележаа секој ден одбележан во книгата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес