Избор Локална самоуправа Охрид

Течат подготовките за Богојавление – Водици во Охрид

Охрид, 11. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во тек се подготовките за организирање на најмасовната црковно – народна манифестација за празникот Богојавление – Водици во Охрид.

Во пресрет на празникот, градоначалникот Јован Стојаноски одржа работен состанок со организациониот одбор.

Прославите започнуваат на 19-ти јануари во раните утрински часови со богослужби во сите парохиски цркви. Годинава големиот богојавленски водосвет, фрлањето на крстот  ќе биде од градското пристаниште.

За безбедноста на сите кои ќе скокаат во езерските води ќе бидат ангажирани  спасители на вода, нуркачки и  медицински тимови. Во духот на христијанската вера  и обичаи  среќниот фаќач на крстот ќе биде даруван од градоначалникот Стојаноски со икона, а МПЦ-ОА ќе му подари златно ланче со крст.

Vodici_koordinativnotelo

Следниот ден , на 20-ти јануари на Сараиште ќе се одбележи Денот на рибарите, со традиционалната рибна чорба, која ќе ја подготвуваат учениците од ОУТУ „Ванчо Питошески“.

Организатори на манифестацијата  се општина Охрид и  Македонската Православна Црква.

Се очекува манифестацијата во Охрид да ја следат бројни медиумски куќи. По своите духовни и верски вредности, празникот Богојавление- Водици како  најмасовна црковно- народна манифестација ги надминува локалните и регионални граници и го привлекува вниманието на голем број верници, гости, туристи и посетители. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива